Пластичната амбалажа од декември ќе биде забранета во заштитените подрачја во земјава

Фото: Мета.мк

Од 1 декември нема да смеат да се употребуваат пластични производи за една употреба во угостителските објекти кои се наоѓаат во заштитените подрачја во земјава. Ова денеска го најави министерот за животна средина Насер Нуредини, на прес конференција посветена на новиот пакет закони за отпад.

Нуредини потенцираше и дека од декември нема да смее да се продаваат ниту пластични кеси во маркетите, а оние биоразградливи екстра-лесни кеси што ќе бидат достапни, ќе чинат 15 денари, пари што преку посебен Фонд ќе се користат наменски.

Целта е да се демотивираат граѓаните да употребуваат пластика, да се намали овој вид на отпад и да се користат производи направени со материјали кои можат повеќекратно да се реупотребуваат и не претставуваат опасност за животната средина.

„Идејата е граѓаните да ги користат кесите за повеќекратна употреба, за да можат производителите да направат алтернативни еколошки пакувања од природен материјал. Надоместокот од 15 денари за биоразградливи кеси ќе мора да биде евидентиран и пренесен во посебен фонд на Министерството за животната средина. Покрај тоа, за првпат од први декември ќе се воведе забрана за пакување со пластика за една употреба во угостителски објекти во заштените зони“, рече Нуредини.

Тој посочи дека парите кои ќе се собираат во фондот ќе се инвестираат проекти од животната средина, но и за јакнење на свеста на граѓаните како да менаџираме со отпадот во нашата држава. Целта, смета Нуредини, е тој што загадува и да плати, бидејќи на тој начин ќе придонесе за јакнење на инфраструктурата за селекција на отпадот, а со тоа и на создавање на системот за правилен третман на отпадот.

Забраната за употреба на пластика за еднократна употреба веќе неколку месеци е на сила во земјите на Европската Унија. Во јули беа забранети десет видови производи за еднократна употреба како пластичен прибор за јадење, пластични чинии, садови за храна и пијалоци од стиропор, пластични лажичиња за кафе, чепкалки за уши и сите производи изработени од оксоразградлива пластика. Од минатата година во повеќе европски земји забранети се и пластичните кеси, освен најтенките.