Фото: Pexels од Pixabay

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите istinomer.rs одговара на тврдењето на Никола Сандуловиќ, претседател на Републиканската партија во Србија, за наводно прскање од авиони. Сандуловиќ изнесува тврдења за „планско труење и тивко убивање“ на граѓаните на Србија, како и на останатите жители на планетава, кое наводно се спроведува од авиони што испуштаат „опасни отрови“ во атмосферата.

Според Сандуловиќ, ваквиот злостор заеднички го спроведувале германската канцеларка Ангела Меркел и српскиот претседател Александар Вучиќ. Притоа, овој спорен пост приложува и „доказен материјал“ во форма на „оригинални фотографии“. Анализата на српскиот сервис за проверка на фактите утврдила дека фотографиите се извлечени од контекстот и вметнати во теорија на заговор што е присутна уште од деведесетите години на минатиот век.

Станува збор за шпекулацијата за „кемтрејлс“ (Chemtrails), која што тврди дека влади, некои партии и разни други фактори во некоја држава се ангажирани во тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони. Според заговорниците, долготрајните траги на небото што остануваат по прелетувањето на некои авиони се исполнети од хемикалии, што кога ќе паднат на земјата, ќе го намалуваат животниот век на луѓето, ќе вршат нивна стерилизација, контрола на умот, како и контрола на метеоролошките прилики.

Според универзитетот Харвард од САД, кој ја проучувал оваа заговорничка теорија, засега нема цврсти докази дека е така како што велат нејзините поборници. Дополнително, тоа што истиномер.рс го утврдил е дека фотографиите објавени од Сандуловиќ се користени многу пати за промовирање теории на заговор на интернет. Tаа теза е разоткривана многу пати досега, а со неа речиси една деценија наназад се занимава британскиот истрaжувач Мик Вест – metabunk.org.

Како што објаснува тој, кружат фотографии што наводно покажуваат „кемтрејл-авион“, но всушност станува збор за прототипи на летала што се опремени со резервоари за баласт, но и некои фотографии се од внатрешноста на авиони за гаснење пожар. Бочвите, односно резервоарите за баласт, се користат за симулирање на тежината на патниците при тестирањето на разни летечки својства на леталото, но не и за резервоари за прскање со цел нанесување голема директна штета на луѓето, пишува српскиот сервис за проверка на фактите.