fbpx

Малку вистински мерки во буџетот на Скопје за 2019 за аерозагадувањето, смета опозицијата

-

Од 186-те милиони денари кои Град Скопје ги издвои во буџетот за мерки кои се однесуваат на заштита на животната средина, 97 милиони се за заштита на амбиенталниот воздух, 20 милиони денари за субвенционирање на граѓани за набавка на посовремени уреди за затоплување, субвенционирање на ЈСП за бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот, но и за приватни компании кои учествуваат во јавниот превоз на патници за адаптирање на постојните автобуси со мотори на еколошки горива, како и 15 милиони за субвенции за набавка на печки на пелети, каде не постојат услови за приклучок на централно греење.

Во таа сума влегуваат и субвенции за набавка на велосипеди, тротинети и електрични возила, за што се предвидени вкупно 10 милиони денари и три милиони за субвенции за чистење на оџаци.

И во 2019 година Градот ќе издвои средства за репарација и поставување на аирпоинтер односно комплетна мерна станица за мерење на загадувањето на воздухот, во износ од 1,7 милиони денари иако и во претходниот буџет за 2018 година беа предвидени средства за негово поставување, но тој не беше ставен во функција. Аирпоинтерот беше поставен во 2011 година, но набргу потоа и тргнат од локацијата на улица Македонија со образложение дека не може да покажува реално колкаво е загадувањето бидејќи во негова непосредна близина има градилиште.

– Ниту еден од нашите предлози кои се однесуваат на секторот животна средина не е усвоен иако ќе помогнеа за подобрување на квалитетот на воздухот во градот, како на пример субвенции за хибридни скутери, пошумување на источниот дел на Водно кон Сончев град, дрворед покрај Вардар од Аеродром до Ѓорче Петров, зелени билборди од мов на 10 раскрсници, уредување на Вардариште или нови велосипедски патеки покрај Лепенец – вели Светлана Колариќ, советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Повеќето планирани активности на секторот за животна средина за наредната година се однесуваат на изработка на разни студии, од кои дел се продолжување на веќе започнати од времето на претходниот градоначалник, додава Колариќ.

– Место да им се даде приоритет за обновливи извори на енергија – фотоволтаици како енергенс за уредите за загревање на домовите, училиштата што е предвидено и во Планот за чист воздух на Владата, со програмата се дава предност на греењето на нечисти енергенси, а нема субвенционирање на енергетската ефикасност на објектите или поставување на креативно зеленило (урбани градини, зелени фасади) за да се надомести изгубеното градско зеленило. Се уште нема ниту студија за оптимизација на јавниот превоз, но затоа и понатаму се форсира автоцентризмот и се планира проширување на улици за поголем број на возила. Без визионерска стратегија за Скопје како одржлив град, ниту добрите мерки од програмата како субвенционирањето на велосипеди, електрични возила или чистење на оџаците, нема да го дадат посакуваниот ефект – смета Драгана Велковска, екологист и советник на Левица во Советот на Град Скопје.

Според неа, мерките на Градот се поттикнати од интересите на коалициските и бизнис партнерите, а не од интересите на граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...