Планетариумот во МКЦ – место каде може да се види „чисто ноќно небо“ и да се научи повеќе за ѕвездите, планетите и вселената

фото: Мета.мк

По подолга пауза од две години, од 1 март продолжи со работа Планетариумот во Младинскиот културен центар (МКЦ). Таму можат да појдат сите лица кои сакаат да научат нешто повеќе за ѕвездите, планетите и целата галаксија, но и да видат како изгледа чисто ноќно небо без светлосно загадување, какво што нема никаде на друго место во земјава.

Во мала просторија на првиот кат во еден од објектите на МКЦ, која пред пандемијата собирала и до 80 лица, предавањата за нашата галаксија ги држат Моника Пешевска и Радан Митровиќ. Тие со помош на еден проектор кој има неколку функции, но и со нивното знаење, за кое велат дека им е најголемата и најважна алатка, ги запознаваат присутните со сè што може да се види на ноќното небо над Скопје.

Пешевска е дипломиран наставник по физика, а дел од Планетариумот во МКЦ, заедно со нејзиниот колега, станува во 2019 година. Чисто небо, без светлосно загадување, вели таа, во главниот град може да се види единствено во овој Планетариум.

„Убавината на Планетариумот е во тоа што пред сè, нуди чисто небо. Небо кое што нема светлосно загадување, нема облаци и убавината веројатно е во тоа што има кој да им каже на присутните кон што да гледаат, на што да обратат внимание. Тука во овој Планетариум најголем акцент е ставен на ѕвездите“, вели Пешевска за „Мета.мк“.

Моника Пешевска и Радан Митровиќ, предавачи во Планетариумот / фото: Мета.мк

Митровиќ, кој со астрономијата се занимава долги години и е член на Скопското астрономско друштво, вели дека Планетариумот е исклучително добро учебно средство за да им се покаже на луѓето како изгледа античко чисто небо, какво што денеска може да се види само од неколку локации во светот, каде нема цивилизации во радиус од неколку стотици километри.

„Тоа сега може да се види само на пусти места, каде што нема цивилизации на 200-300 километри наоколу. Така што, вакво небо тешко може да видите надвор. Овде ги запознаваме луѓето со тоа што се ѕвезди, што е галаксија, што се планети“, раскажува Митровиќ.

Во Македонија чисто небо без светлина може да се види само од неколку локации, а најдобро се гледа во источниот дел, на локации во Кривопаланечко и Беровско, додека вакво чисто ноќно небо може да се „начека“ и во другите делови од земјава – во Мариово и можеби на Пелистер, раскажуваат нашите соговорници.

Според нив, проекторот во Планетариумот во МКЦ е стар околу педесет години и датира од времето кога поранешна Југославија набавила четири вакви машини, од кои, освен во Скопје, останатите завршиле во Загреб, Белград и Нови Сад. И покрај тоа што е стар речиси пет децении, проекторот и денес работи исклучително добро и нуди низа операции кои им овозможуваат на присутните да навлезат подлабоко во ѕвездите и вселената.

„Ѕвездите можат најдобро да се видат, а и тие фиктивни фигури кои што се нарекуваат соѕвездија, но исто така може да се оди на оној научен дел каде што со помош на координатните системи може да се работи понатаму, постручно, подлабоко за определување на координати на ѕвезди во различни координатни системи. Планетите се гледаат, меѓутоа тоа е баш онака како што се гледа на небото. Со помош на оваа апаратура можеме да ги видиме токму онака како што би ги виделе на вистинското небо над Скопје“, вели Пешевска.

Проекторот со помош на кој се претставува темното небо над Скопје / фото: Мета.мк

Но, за да може да го види кристално чистото небо во Планетариумот, секој посетител треба да почитува неколку правила, меѓу кои и правилото да не го вклучува мобилниот телефон за време на предавањето, бидејќи светлината од екранот ќе спречи да се видат сите ѕвезди и планети. Митровиќ вели дека се потребни неколку минути „затемнување“ на просторијата, за да може човековото око да се навикне и да ги забележи сите светли точки во Планетариумот.

„Доколку сега би ги изгасил светлата, вие не би можеле да видите многу ѕвезди, затоа што треба окото да ви се навикне. Потребни се можеби 10-15 минути ирисот во окото да ви се рашири за да можете да ги видите сите чуда што се наоѓаат горе. Но, еднаш кога ќе ви се отвори зеницата, горе се случуваат големи чуда“, вели Митровиќ.

Интересот за посета на Планетариумот по неговото реотварање е голем. Овде доаѓаат организирани групи на деца и возрасни кои сакаат да научат повеќе за универзумот.

Пешевска и Митровиќ велат дека според нивните искуства, младите се љубопитни и најмногу се интересираат за црните дупки, Сонцето и Големата експлозија, додека најчестото прашање што го добиваат е „Зошто Плутон не е планета?“.

„Затоа што не треба да биде. Не го задоволува третиот услов од дефиницијата на планети, кој вели дека мора да има исчистена орбита“, вели Митровиќ.

Пешевска раскажува дека нивните предавања се состојат од внимателно одбрани содржини, кои ја поттикнуваат љубопитноста кај младите со цел тие да продолжат да истражуваат откако ќе го напуштат Планетариумот.

„Веројатно нашата најголема алатка е нашето знаење, нашата информираност, со тоа што децата кога прашуваат прашања вие треба тоа да им го претставите на соодветен начин за да оставите простор понатаму тие да продолжат да истражуваат. Вие им кажувате, меѓутоа оставате простор за да ги направите пољубопитни за тоа прашање, понатаму дополнително да се проучи она што сакале да го дознаат“, вели Пешевска.

Со помош на проекторот, Моника и Радан ги запознаваат младите со ѕвездите / фото: Мета.мк

Таа објаснува дека главната разлика помеѓу планетариум и опсерваторија е во самата нивна функција – првиот има едукативна, додека опсерваторијата има научно-истражувачка функција.

„Разликата е во тоа што планетариумот е еден вид на театар во кој имаме соодветна машина и затворена купола. Значи тука со помош на таа машина ние проектираме ѕвездено небо, додека кај опсерваторијата имате купола која што се отвора, таму имате телескопи кои набљудуваат во реално време и набљудуваат реални ѕвезди“, појаснува Пешевска.

Како вљубеник во астрономијата, Моника е најфасцинирана од поврзаноста помеѓу математиката и вселената.

„Мене ми е најфасцинантно како луѓе само со математички познавања, со решавање на определени равенки во математиката и поставување на услови, добиваат информации за реални тела во вселената. Многу е убаво тоа што човекот само со помош на својот ум може да открие што се случува во центарот на определена ѕвезда, како таа ѕвезда еволуира, како се менува, може да предвиди определени работи, што ќе се случува после илјада или сто илјади години“, вели Пешевска.

Радан, пак го исполнуваат телескопите и набљудувањето на небото.

„Еден телескоп, ноќно чисто небо и јас – тоа најмногу ме полни со енергија“, вели Митровиќ.

Тие се надеваат дека во блиска иднина Планетариумот ќе добие посовремена опрема и алатки за вршење проекции, а повеќе за небесните тела овие ентузијасти можат да ви раскажат на отворените предавања во Планетариумот во МКЦ кои се одржуваат секои петок и сабота со почеток во 18:00 и 20:00 часот.