Пламенка Бојчева е именувана за директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, а нејзин заменик е Блерим Исени. Бојчева и Исени беа изгласани во рамките на 126. собраниска седница со 55 гласа „за“, десет „против“ и без воздржани.

Со 58 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против, Имер Алиу беше избран за директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. За негов заменик е избран Игор Кузевски со 59 гласа „за“, 12 „против“ и без воздржани.

Агим Рушити, вонреден професор на Педагошкиот факултет во Скопје, е именуван за директор на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Фондацијата „Метаморфозис“ се залагаше за итно решавање на проблемот со отсуството на раководители на институциите кои штитат човекови права, а кои долго време функционираа во отсуство на првите луѓе.

Конкретно, со неименувањето на директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, институциите назадуваа во однос на давање на информации според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тие не одговараат на барањата, па така во втората половина од 2018 година, една петина од барањата останале неодговорени.

„Тоа се должи на тоа што Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер која треба да одговара на жалбите е нецелосно екипирана и не функционира цела година, со што има застој во процесот на одлучување по жалбите. Не е формирана ниту Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер која треба да ја контролира отвореноста на институциите за пристап до информации од јавен карактер и апелирам Комисијата за избори и именување да профункционира и да ја формира Агенцијата“, рече Фани Каранфиловска Пановска на конференцијата „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“ на Фондацијата „Метаморфозис“.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.