Плаќаме најскап метан во соседството иако „Газпром“ за февруари ја намали цената за околу 13 отсто

-

Руската компанија „Газпром“ со „Макпетрол“ постигнале договор за намалување на цената на метанот (компримираниот природен гас – ЦНГ) за околу 13 отсто во земјава. Па така, наместо 110 денари за килограм, од вчера на бензинските станици на „Макпетрол“ еден килограм метан може да се набави за 96 денари за килограм.

Проблемот со метанот во земјава настана од 1 јануари годинава, откако руски „Газпром“ ја зголеми цената на метанот за повеќе од двојно, од дотогашните 46,5 денари за килограм што важеа до крајот на декември на дури 110 денари за килограм. На ваквото енормно поскапување реагираа ЈСП-Скопје и приватните автобуски превозници во Скопје, коишто имаат возен парк во кој дел се автобуси на метан. Тие побараа владина помош за да го издржат поскапувањето.

Според актуелните податоци за специјализираната страница fuelo.net што ги следи цените на горивата во светот, македонските возачи во моментов плаќаат најскап метан меѓу земјите во регионот. Во Бугарија, цената на метанот на бензинските станици е 2,86 лева за килограм, односно 90 денари за килограм. Во Грција, моменталните цени на метанот се 0,837 евра за килограм или 51,5 денари. Србија, пак, подолг период плаќа најевтин ЦНГ меѓу земјите во регионот, што ќе рече 94,5 српски динари за килограм односно 49,4 денари. Податоците од fuelo.net покажуваат дека метанот поскапо може да се набави во Италија и Германија, но затоа во земји како Белгија и Шпанија ова гориво е значително поевтино.

Инаку, по енормното зголемување на цената на метанот од почетокот на годинава, Регулаторната комисија за енергетика излезе со соопштение дека нема надлежност во регулирање на цената на ова гориво, бидејќи според Законот за енергетика цената на метанот ја определува пазарот, заедно со природниот гас.

Од компанијата „Макпетрол“ вчера соопштија дека со новиот договор постигнат со „Газпром“, во февруари се намалува и цената на природниот гас што ќе се испорачува во земјава. Цената на природниот гас ќе се намали за 204 евра за 1.000 нормални кубни метри во однос на јануари, со што ќе се намали цената на природниот гас.

Според  „Макпетрол“ тие со „Газпром“ за февруари постигнале „одлична спогодба“ што ќе обезбеди за нивните деловни партнери цена на гасот за 30 проценти пониска од берзанските цени.

Инаку, како последица на енормното поскапување на природниот гас од почетокот на годинава во Европа, што се влијаеше и на цената на гасот што го добива земјава, парното греење во Скопје поскапе од 1 јануари за 14 отсто за крајните корисници. Воедно, Владата на РСМ одлучи да прогласи кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија и државната компанија АД ЕСМ привремено го презеде управувањето со БЕГ и АД Скопје Север за да се обезбеди континуирано снабдување со парно греење за корисниците од Скопје.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...