Началникот на Генералштабот на копнената војска на САД, Ренди Џорџ, беше разрешен во четврток од страна на министерот за одбрана Пит Хегсет, пренесува Ројтерс. Ова е најновиот потег во серијата промени во највисокото раководство на Пентагон.

Хегсет, кој е поранешен водител на Фокс Њуз, брзо презема чекори за реорганизација на министерството, иако отпуштање генерал за време на војна е речиси без преседан.

Пентагон потврди дека Џорџ, кому му останувала повеќе од една година од мандатот, веднаш ќе се пензионира.

Во соопштение се наведува дека Пентагон му е благодарен за неговите децении служба. „Му посакуваме сè најдобро во пензија“, стои во соопштението.

Двајца одбранбени претставници на САД, кои зборувале под услов на анонимност, велат дека Хегсет го разрешил и генералот Дејвид Ходн, кој го раководи Командата за трансформација и обука на копнената војска, како и генерал-мајорот Вилијам Грин, шеф на капеланската служба на армијата.

Министерството не даде причина за заминувањето на Џорџ. Ова се случува во момент кога американската војска го зголемува присуството на Блискиот Исток, откако спроведе напад против Иран.

Американските напади во регионот главно ги изведуваат морнарицата и воздухопловните сили, иако војници од копнената војска се испратени таму за управување со системи за воздушна одбрана. Илјадници војници од елитната 82-ра воздухопловно-десантна дивизија веќе почнаа да пристигнуваат на Блискиот Исток, што потенцијално може да значи подготовка за копнени операции во Иран.

Еден од изворите изјави дека поранешниот воен помошник на Хегсет и заменик-началник на Генералштабот, генералот Кристофер ЛаНев, привремено ќе ја преземе функцијата на Џорџ.

Друг извор додаде дека високото раководство на армијата дознало за разрешувањето во исто време кога информацијата станала јавна.

Џорџ, офицер од пешадијата кој служел во Ирак и Авганистан, беше назначен на највисоката позиција во копнената војска во 2023 година, а мандатот обично трае четири години.

Претходно бил заменик-началник на Генералштабот, а уште порано и главен воен советник на тогашниот министер за одбрана Лојд Остин.

Тој се сметаше за близок со секретарот на армијата Ден Дрискол, со кого работел на иницијативи за притисок врз големите одбранбени компании со цел побрз развој на оружје и намалување на трошоците.

Разрешувањето на Џорџ е дел од пошироките промени во врвот на Пентагон, меѓу кои беше и минатогодишното отпуштање на претходниот претседател на Здружениот комитет на началници на штабови, генерал Чарлс Кју Браун, како и на началникот на поморските операции и заменик-началникот на воздухопловните сили.

Канцеларијата на Џорџ засега не одговорила на барањето за коментар.