Писатели од регионот и пошироко на јубилејното 10. издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“

Фото: Прозарт медиа

Десетина писатели, издавачи, уредници од регионот и пошироко ќе бидат гости на јубилејното 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што ќе се одржи од 18 до 20 септември во Даут-пашиниот амам во Скопје.

Покрај годинашната добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, македонската писателка Оливера Николова, на првата вечер на фестивалот ќе учествуваат писателите Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Владислав Бајац, Елена Алексиева и Томислав Османли.

Организаторите информираат дека во рамки на фестивалот, на вториот фестивалски ден во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи и разговор со хрватскиот режисер и сценарист, Рајко Грлиќ, чиј филм „Караула“ ќе биде прикажан на 21 септември во Кинотека.  Истиот ден, на 19 септември Пијан Славеј ќе одржи музички перфоманс со почеток во 21 часот. Перформансот е дел од промоцијата на неговата трета поетска книга, „Полиграф“.

Во рамки на 10. издание ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Литература/општество/критика“.

На третата фестивалска вечер видео обраќање ќе има писателката Оливера Николова, а писателите ќе читаат извадоци од нивните дела. Во сеќавање на Луан Старова, ќе биде прочитан и извадок од негово дело.