На „Јутјуб“ се појави пиратска верзија од документарниот филм „Медена земја“, кој деновиве е главна вест кај нас и во регионот поради историскиот успех со двете номинации за Оскар. Веднаш потоа скокна бројот на пребарувања на терминот Honeyland на видеоплатформата.

Дека станува збор за пиратска верзија потврдија и од „Арс ламина“ кој е комуникациски и организациски поддржувач на филмот.

На социјалните мрежи, пиратската верзија на „Јутјуб“ веќе се споделува но има и реакции дека на овој начин не се дава никаква поддршка на филмот.

Обично треба да поминат 24 часа содржината објавена на „Јутјуб“ да се симне платформата.

„Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов од 8 јануари може да се погледне во Кинотека на Македонија. Церемонијата на доделувањето на оскарите ќе се одржи на 9 февруари и тогаш ќе се знае дали филмот ќе освои статуетка во некоја од категориите најдобар странски филм и документарец.