Пилинг крема направена од отпад од кафе, играчки полнети со сено и мед со лековити билки се иновативните зелени бизнис идеи кои се победници на натпреварот „Зелени идеи 2025“, на АРНО. Во финалето се презентираа 10 идеи од вкупно 39 пристигнати апликации, а од АРНО велат дека натпреварот годинава се одликува со поголем број ембрионски концепти и со доминација на идеи од руралните средини.
Во категоријата ембрионски идеи победници се „Мирис на сено во сечиј дом“ на здружението „Ума Сто“ од селото Умин Дол. Во изработката ќе бидат вклучени жените од селото, играчките ќе бидат полнети со сено и додаток на ароматични билки. Полнењето е биоразградливо и може да се замени по одредено време. Вториот победник е „Природна пилинг крема од отпадоци на кафе“ на тимот EcoScrub, која екстрахира масла од отпадоци од кафе и ги трансформира во природни пилинг креми за тело.
Победничка идеја во категоријата зелени бизниси е „Медена долина – живееме со природата“ на здружението „Медена Долина“ кое произведува мед и мед со еко-лековити билки во мали пакувања, кој се собира во селото Белица, каде запуштените ниви се обработуваат и претвораат во медоносни површини, без да се уништи природата. Победниците ќе учествуваат на регионалниот натпревар како претставници на Македонија, заедно со тимови од Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција.
