На повидок се измени во жанрот Souls, каде новите најави од Gamescom 2025 покажуваат дека игрите со овој сетинг сè повеќе добиваат акциски карактер. Таков е случајот со Phantom Blade Zero и Onimusha: The Way of The Sword, кои комбинираат елементи од јапонски самураи и кинески воини. Воедно, како прва сериозна Souls игра во прво лице со „наполеонски зомби сетинг“ се издвојува Valor Mortis, што веќе привлекува големо внимание.

Phantom Blade Zero се истакнува со значајни измени во класичните механики на Souls игрите. За разлика од претходните наслови, непријателите што еднаш се совладани не се појавуваат повторно по одмор на чекпоинтите, со што се елиминира можноста за фармање. Играчите напредуваат не преку едноставно победување на босови, туку преку собирање предмети на моќ што ги зајакнуваат нивните способности, што дополнително го поттикнува истражувањето на околината.

Другата новина е што по првата успешно завршена фаза на бос, играчите не се враќаат на почеток при загуба на живот, туку продолжуваат од втората фаза. На овој начин нема губење XP, што претставува значајна промена во однос на претходните Souls игри.

Механиката за стамина, клучна во жанрот, исто така е редизајнирана. Наместо ограничувања, играта овозможува изведување брзи напади без трошење издржливост, што значително ја олеснува динамиката на борбата. Ова е голема разлика во однос на наслови како Elden Ring и Dark Souls, каде стамината се трошеше со секое движење и удар.

Играта е ориентирана кон акционен борбен систем со повеќе последователни напади, агресивен стил и динамични анимации при изведување финишери. Слично на Sekiro, акцентот е ставен на активна и офанзивна игра. Нивото на тежина може да се прилагодува во текот на играта – од полесниот режим „Wayfarer“ до екстремниот „Hellwalker“, достапен само на New Game+.

Phantom Blade Zero е најавена за излегување во текот на 2025 година, а љубителите на жанрот очекуваат дали овие промени ќе донесат трајно олеснување на препознатливата тежина на Souls игрите, во чија суштина отсекогаш биле високата сложеност и мрачната атмосфера.