Фото: Zbynek Burival на Unsplash

Европејците минатата година добија повеќе eлектрична енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ) отколку од фосилни горива, се вели во годишниот извештај на „Ембер“ и „Агора енерџивенд“. Извештајот, кој го следи енергетскиот сектор на ЕУ од 2015 година, откри дека ОИЕ испорачале 38 отсто од вкупната електрична енергија во текот на ланската година, во споредба со 37 отсто од фосилни горива, објави Си-еН-еН.

Оваа промена доаѓа бидејќи се зголеми учеството на други енергетски извори, како што се ветерот и соларната енергија. Употребата и на двата извора е скоро двојно зголемена од 2015 година, а заклучно со лани, ним им отпаѓаа петтина од вкупното производство на електрична енергија во земјите на ЕУ, се наведува во Извештајот. Тоа, исто така, е причина што користењето на јагленот се намали за 20 отсто во минатата година, сочинувајќи само 13 отсто во вкупното производство на електрична енергија.

„Брзиот раст на користењето на ветерот и на сонцето придонесе за намалување на употребата на јагленот, но ова е само почеток“, рече Дејв Џонс, виш аналитичар за електрична енергија за „Ембер“ и главен автор на Извештајот.

Минатата година мерките за ковид-19 резултираа со помала побарувачка на електрична енергија низ целиот свет. Европската побарувачка се намали за 4 отсто во 2020 година, според Извештајот, кој констатира дека состојбата со ковидот нема никакво влијание врз растот на ОИЕ.

Од 2015 година, лани испуштањето на штетните емисии во Европа забележа историски пад за 29 отсто. Пресвртницата следи по заложбите на лидерите на ЕУ минатиот месец за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 отсто, од нивоата во 1990 година, се до 2030 година.

Во САД во последните години потрошувачката на енергија од ОИЕ ја надмина потрошувачката на јаглен. Минатиот мај, енергијата произведена од ОИЕ беше поголема од онаа од јаглен, за прв пат од 1885 година.

„Пост-пандемичното закрепнување на економијата не смее да ја забави климатската акција“, рече Патрик Грејчен, директор на „Агора енерџивенд“. „Затоа ни треба силна климатска политика – како што е Зелениот договор – за да обезбедиме стабилен напредок“.