Петти скејтбординг натпревар викендов ќе се одржи во Скопје

Фото: ONE MORE TRY Skopje

Скопје викендов ќе биде домаќин на петтиот Скејтбординг натпревар ONE MORE TRY Skopje, кој ќе се одржи на неколку локации низ градот. Станува збор за еден малку поразличен скејт настан, кој се одржува еднаш годишно и кој е единствен од ваков тип во регионот. Натпреварот е отворен за скејтери од сите возрасти. Атмосферата ќе биде дополнета со многу музика, дружба и одлични трикови, информираат организаторите на фестивалот.

Почнувајќи од сабота (2 октомври) во 14 часот, скејтерите ќе се натпреваруваат на различни локации. Првата локација (збирно место) е платото пред Салата Борис Трајковски, каде ќе се одржи класичен “Cash4Tricks” натпревар. Висината на наградата ќе зависи од сложеноста, стилот и успешното слетување на трикот. Потоа, натпреварот ќе продолжи на различни локации низ градот.

Кој ќе има уште енергија за скејтање после првиот ден, натпреварот ќе продолжи во недела (03 октомври) од 15 часот, во реновираниот скејтпарк во склоп на адреналинскиот парк во Карпош.

Натпреварот ќе кулминира со “BestLine” натпревар во рамките на кој скејтерите ќе имаат 45 секунди успешно да направат трикови во линија по избор на различните елементи во скејтпаркот.

Организаторите ги покануваат сите заинтересирани лица на дружба и на следење на натпреварот. Настанот се одржува под покровителство на Град Скопје.