Петти регионален конкурс за краток расказ „Бибер“

Photo by Jan Kahánek on Unsplash

Тимот на „Бибер“ со поддршка на Центарот за ненасилна акција од Сараево и Белград го распиша петтиот по ред регионален конкурс за краток расказ „Бибер“. Конкурсот е отворен на Денот на човековите права 2021 година, а литературните дела авторите/ките ќе може да ги испраќаат до 1 јуни 2022 година.

Кратки раскази може да испраќаат авторки и автори кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски или српски јазик, а во конкуренција влегуваат афирмирани автори, но и оние кои досега немаат објавувано.

„Покрај расказите кои го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство за другите, храбри раскази што се осмелуваат да влезат во „непријателска“ кожа, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите“, наведуваат организаторите на конкурсот.

Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди, и тоа: прва награда во износ од 800 евра, втора награда во износ од 600 евра и трета награда во износ од 400 евра.

Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник. Жирито што ќе ги оценува пристигнатите трудови го сочинуваат Лејла Каламујиќ, Калина Малеска и Оља Савичевиќ Иванчевиќ. Одлуката на жирото ќе биде објавена кон средината на ноември 2022 година.