Годинава која изминува гласност во медиумите добија неколку теории на заговор што е во спротивност со добрата новинарска практика.

„Вистиномер.мк“ ги избра следните пет најзастапени заговорнички теории кај нас:

1. Антиваксерска паника
На почетокот од 2019 година Македонија се соочи со епидемија на морбили. Иако ова е доста голема причина за да се зголеми вакцинирањето кај децата, од друга беше и причина антиваксерите да станат уште погласни. Без некоја поголема логика и доказен материјал низ медиумите и социјалните медиуми се ширеше паника, дека токму вакцинирањето е причина за ширење на епидемијата. Ова особено се засили кога Министерството за здравство издаде наредба да не се примаат невакцинирани деца во училиштата и градинките за да не се зголеми ризикот за ширење на епидемијата. Антиваксерското движење ширеше панични постови против Министерството и „присилното вакцинирање“, заканувајќи се со тужби и повици за отворање специјални градинки и школи за деца на антиваксери. Сè одеше дури и дотаму да се шират муабети дека самиот министер не ја вакцинирал својата внука и дека глумел пред камери дека ја вакцинира додека на иглата има капаче.

2. Папата и Нострадамус
Доаѓањето на папата во Скопје беше навистина голем настан за нашата земја во изминатата година, но и добра можност некој да види „нешто повеќе“ во тоа. Дел од медиумите поведени од сензационализмот пренесуваа вести за пророштва на Нострадамус дека „папата ќе биде убиен во Скопје“, што, пак, наводно, ќе биде повод за трета светска војна! Како што сите знаеме посетата на папата помина одлично, а ваквите вести се вброија во „архивите за пророштва и празноверие“ на повеќе македонски портали.

3. Радиоактивен отпад и НАТО
Примањето на Македонија во НАТО е несекојдневен настан и токму таквите случувања може да бидат податливи за градење на заговорнички теории. Оние кои гледаат заговор насекаде го видоа и тука, а на врв на тоа смислија и интересна приказна што ќе шири паника и параноја. Имено, теоријата е дека со влезот на Република Северна Македонија во НАТО, ние , наводно, ќе им го дадеме Криволак, а тие нам радиоактивен отпад!

4. Сите приказни за Грета Тунберг
Ако може по нешто да се запомни оваа година, тоа сигурно би била младата активистка Грета Тунберг, која за миг ја „помести“ планетата со цел да ја зголеми свесноста за глобалното затоплување. Но, во овој поделен свет поддршката скоро се изедначи со нападите, па така покрај бизарните забелешки за нејзините навики, нејзините родители, имаше и невкусни коментари за нејзината фризура која некои ја споредија нацистичките пропагандни постери со ариевски модели на девојчиња. Дел од глобалната публика се сомневаше дека девојчето е изманипулирано, при што се посочуваше дека таа има Аспергеров синдром, нарушување на спектарот на аутизмот и не може да се смета за сериозен соговорник. Се чини дека врвот се постигна со веста дека Грета е „патник низ времето“.

5. 5г технологијата
Со почетокот на 5г трката помеѓу телекомуникациските компании, па дури и помеѓу технолошките гиганти што предизвика и политички меѓународни превирања, како што е банирањето на „Хуавеј“ од американскиот пазар, се разгореа и заговорнички теории околу оваа нова технологија. Интересно е што стравот околу штетноста на ултракратките бранови на 5г, се рашири најмногу меѓу антиваксерски кругови. За жал поради недоволниот број истражувања кои можат да потврдат дека зрачењето не е штетно, 5г технологијата, најверојатно, ќе предизвикува недоверба и во наредната година.

Бонус: Стара теорија што сè уште се шири – Рамна земја
Колку и да е во зоната на езотеријата оваа заговорничка теорија зема сè поголем замав помеѓу оние кои се скарале со науката. За жал сè почесто се организираат конференции, собири, видеа и квазинаучни објаснувања што кај недоволно едуцираните се шири како зараза.Најинтересно е што во минатата година ова движење отиде толку далеку што одредена студентка во Тунис работела на докторат со кој се обидувала да докаже дека Земјата е рамна и Сонцето за врти околу неа. Ова покажува само колку се опасни заговорничките теории и колку нивното игнорирање и несфаќањето на нивната сериозна опасност може да има големи импликации врз општеството како целина.