fbpx

Петровска од Брисел: Да се даде шанса на дијалогот и дипломатското решение во Украина

-

Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО денеска во Брисел го започнаа дводневниот состанок, на кој украинската криза е во центарот на вниманието. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска за прв пат учествува на ваков министерски состанок по преземањето на функцијата.

Пред состанокот, министерката Петровска изрази очекување дека министрите за одбрана на 30-те сојузници ќе го потврдат единството во Алијансата за заштитата на земјите-членки и колективната одбрана, ќе ја реафирмираат позицијата за мирно и дипломатски решавање на состојбата во и околу Украина и уште еднаш ќе дадат силна и недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

„Овој состанок се одржува во исклучително важен период и за европската безбедност и за безбедноста на евроатлантската област. Она што се очекува од нас како министри за одбрана е да ги реафирмираме нашите позиции во однос на позицијата за мирно решавање на отвореното прашање помеѓу Украина и Русија“, рече министерката Петровска.

Таа посочи дека шанса му се дава првенствено на дијалогот и дипломатското решение и дека основна задача на Алијансата е да ја штити безбедноста и стабилноста на земјите-членки.

„Ние до последно даваме шанса на дијалогот, на дипломатското решение. Како Алијанса имаме обврска да го штитиме територијалниот интегритет и безбедноста на сите земји членки на Алијансата. Од она што очекувам и сум убедена дека ќе произлезе од овој состанок е да го потврдиме единството на сите земји членки и да ги донесеме одлуките кои ќе бидат во таа насока“, заклучи министерката.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на почетокот на министерскиот состанок во Брисел изјави дека опасноста од руска инвазија на Украина не е намалена, пренесува Гардијан.

„Ние не видовме какво било повлекување на руските сили. И се разбира, ова е во спротивност со пораката за дипломатските напори“, изјави денеска Столтенберг.

Инаку, од македонското Министерство за одбрана информираат дека на состаноците на НАТО ќе стане збор и за зацврстувањето на одбранбените капацитети, вложување во одбраната, новиот стратешки концепт на Алијансата и концептот НАТО 2030. Министрите за одбрана на НАТО ќе дискутираат и за развојот на капацитетите за борба со хибридните закани, потребата од зацврстување на сајбер-безбедноста и зголемувањето на отпорноста на климатските промени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот...