Дали терминот „Црн петок“, ден на купувачка треска, кога трговците нудат огромни попусти, а купувачите понекогаш „гинат“ и се тепаат да купат нешто со огромен попуст потекнува од трговијата со робовите во САД или пак неговото потекло е поинакво е прашање со кое се зафаќа хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите „Фактограф“.

Поведени од изобилното споделување на социјалните мрежи, од страна на говорители на хрватскиот јазик, на „фактот“ дека терминот Црн петок произлегува од тоа дека робовите донесени од Африка во САД во петоците се продавале по багателна цена, новинарот на „Фактограф“ истражувал и утврдил дека терминот се јавува првпат во 1951 година – многу подоцна од укинувањето на ропството во САД.

Според „Фактограф“, терминот најсигурно произлегува од фактот дека вработените во САД многу често земале боледување за да си го спојат Денот на благодарноста (кој секогаш паѓа во последниот четврток на ноември) со викендот и така да добијат вкупно четири слободни денови (Денот на благодарноста е неработен ден во САД). Иако се даваат и други можни толкувања, сосема извесно е дека Фактограф покажува дека Црн петок нема врска со трговијата со робови.

Сродниот српски сервис „Истиномер“ пак ја оценувал изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ дека земјите што многу повеќе отколку Србија се грижат за животната средина и имаат подолга традиција на зачувување и грижа на нивните локални заедници, продолжуваат да градат мали хидроелектрани.

Таа изјава уследува по бројните протести низ Србија против изградбата на мали електрични централи на воден погон. „Истиномер“ цитирајќи факти, оваа изјава не само што ја раскринкува како невистина, туку утврдува и дека ползата од малите хидроелектрани е многукратно поголема за нивните инвеститори отколку за граѓаните и државата.