Петнаесет училишта добија мобилни станици за миење раце во пресрет на новата учебна година

фото: УНИЦЕФ

Петнаесет училишта посочени од Институтот за јавно здравје и Државниот просветен инспекторат добија мобилни станици за миење раце, донирани од УНИЦЕФ и УСАИД.

Денеска министерката за образование Мила Царовска, претставниците на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани и на УСАИД, Ерик Јановски, заедно со Филип Темелковски, градоначалник на Кисела Вода и Македонскиот центар за граѓанско образование го посетија основното училиште „Климен Охридски“ во Драчево, кое е едно од училиштата што добија мобилни станици заради подобрување на капацитетите за вода, санитација и хигиена.

Министерката Царовска порача дека е потребна максимална одговорност и почитување на планот и протоколите од страна на сите учесници во воспитно-образовниот процес.

“Морам да изразам благодарност до УНИЦЕФ и до УСАИД кои ни помагаат како држава во целиот овој процес на нормализирање на образовниот систем и на повторно враќање на учениците во училиштата иако пандемијата не стивнува. Тие не само што даваат советодавна поддршка, како што знаете препораките на УНИЦЕФ се дека училиштата мора први да се отворат, а последни да се затворат во услови на пандемија заради сите последици кои затворањето може да ги има по однос на учениците и нивниот правилен развој, туку помагаат и од материјален аспект во многу прилики,“ изјави Царовска.

Мобилните станици за миење раце имаат канистери за вода, сапун и крпи за раце. УНИЦЕФ со финансиска помош од УСАИД донираше 52 вакви станици на 15 училишта кои беа посочени како критични спроед нивните капацитети за вода, санитација и хигиена.

„Сфаќаме дека одлуките за отворање на училиштата се разгледуваат во контекст на епидемиолошката состојба со КОВИД-19, но, училиштата секогаш мора да бидат последни што ќе се затворат и први што ќе се отворат кога тоа е безбедно. Безбедното отворање на училиштата бара колективен напор и овој проект е само еден напор училиштата да останат безбедна средина за учење. Училиштата докажаа дека имаат капацитет да ги следат протоколите за превенција на КОВИД-19, па сега, повеќе од кога и да е, им се потребни ресурси и капацитети за да го надоместат изгубеното во наставата и менталната благосостојба“, рече Патриција Ди Џовани од УНИЦЕФ.

Изборот на училиштата бил направен врз основа на наодите од алатката за самопроценка изработена од Институтот за јавно здравје и Државниот просветен инспекторат, со поддршка на УНИЦЕФ.

Оваа алатка ги интегрира напорите за проценка меѓу ИЈЗ и Државниот просветен инспекторат, а ги вклучува препорачаните прашања на СЗО за проценка на капацитетот за вода и санитарно-хигиенски услови. Алатката е достапна за самопроценка на сите училишта, како и на центрите за јавно здравје и просветните инспектори. Покрај тоа, раководството и техничката служба во училиштата добиле детална обука за капацитети за вода, санитација и хигиена и нивно одржување.