fbpx

Дванаесет спонтани абортуси на мигрантки за еден ден во Гевгелија

-

Во моментов, во непосредна близина на железничката станица во Гевгелија се прави простор за одмор со капацитет од 160 луѓе. Просторот ќе биде наменет за жени, деца и изнемоштени луѓе и ќе функционира 24 часа, а ќе биде под постојан полициски надзор. Во тој простор ќе има 12 кабини со тушеви и тоалети, јави репортерот на „Мета“ од Гевгелија.

Просторот го опремува УНХЦР. Предвидено е да се донесат играчки и други материјали за анимација на децата, а со нив ќе работат и психолози и социолози.

– Екипите на Црвен крст се секој ден присутни на терен со лекарска екипа од двајца доктори, фармацевт, психолог, педијатар. На местото се поставени шест монтажни тоалети кои исто како и котејнерите се празнат три пати на ден. Има вакцини и лекови кои не се на рецепт – вели Сања Костадинова, координатор на Црвениот крст во Гевгелија.

Неофицијално, прогнозите се дека пристисокот од мигранти ќе се зголемува, бидејќи од Турција се очекува да пристигнат поголем број на бегалци кои преку Грција транзитираат низ Македонија. Тоа го потврдуваат и неофицијалните податоци, според кои неделава бројот на мигранти кои дневно пристигаат од Грција во Македонија е од две до три илјади луѓе, за разлика од претходно кога имало од 800 до 1.500. Нашите соговорници велат дека викендов било особено тензично, поради големиот број на мигранти кои што пристигнале.

Во текот на вчерашниот ден, велат нашите извори на терен имало 12 спонтани абортуси, а дневно има и по 50-60 лекарски интервенции. Мигрантите најмногу се жалат на рани, на стомачни проблеми, мачнини, а поради топлото време има голем број на колабирања. Инаку, според истите извори, деновиве двајца мигранти ги удрила струја и поминале со изгореници затоа што се качувале на вагоните за да ги полнат телефоните.

На железничата станица има стотици мигранти кои чекаат да ги добијат потврдите за престој, а дел од нив кои ги добиле чекаат воз за да заминат на Табановце, од каде ќе се префрлат во Србија, јави нашиот репортер.

– Овде сум од вчера. Претходно 15 дена бев во Грција. Таму ситуацијата е страшна. Има многу мигранти од Сирија. Таму каде што бев имаше од 7-9 илјади луѓе, а од Грција во Македонија пристигнуваат околу 1.000. Чекам за документ веќе неколку часа бидејќи без него не можам да одам ниту во ресторан, ниту во хотел – вели мигрант со Сирија.

Репортерот на „Мета“ јавува дека има луѓе кои имаат пари и сакаат да одат во хотел, но не можат да одат без потврда од МВР.

Покрај екипите на УНХЦР, на железничката станица сретнавме и група млади луѓе од струшкото село Лабуништа, кои им носат помош во храна, средства за хигиена и облека на мигрантите.

– Денеска тука сме по 15 пат. Им носиме помош на мигрантите. Не сме формална невладина организација, туку сме група од неколку пријатели, кои собираме пари за помош на мигрантите. Луѓето се мирни, не прават проблеми. Можеби Пакистанците се повеќе нервозни, но во глобала нема проблеми – вели Абдираман Шерифоски од Лабуништа.

Според неофицијални информации и реакции на гевгеличани, расте нервозата поради присуството на мигрантите во реонот околу железничката станица. Наводно утрово имало обид за протест, но не наишол на голема поддршка. Како што велат граѓаните, луѓето кои живеат околу железничката станица се плашат да се движат навечер и затоа реагираат.

На секој чекор се гледа ако може да се добие некој ќар од нив. Има деца кои од сендвичарница купуваат сендвич и потоа го препродаваат на миграните за две евра.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меѓаши: Младите треба отворено да зборуваат ако имаат суицидни мисли

Потребна е поголема поддршка од институциите за негување на детското ментално здравје, а сите треба да учествуваме во детабуизирање на темата. Ова беа заклучоците на денешното презентирање на наодите на...