Пет лица загинаа, а најмалку 11 беа повредени во вооружен напад на автобуска станица во Ерусалим, соопшти израелската полиција, објави Гардијан.
Двајцата вооружени напаѓачи отвориле оган кон луѓето што чекале автобус во населбата Рамот, на северната периферија на градот. Според полицијата, на местото веднаш реагирале полициски службеник и вооружен цивил, кои ги застрелале и „неутрализирале“ напаѓачите.
Израелските итни служби информираа дека меѓу загинатите се тројца мажи на возраст од триесет години, како и маж и жена во педесеттите години. Девет лица со прострелни рани биле префрлени во болница, а уште три лица биле повредени од кршење на стакло.
На социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа оставено оружје, за кое се верува дека е таканаречен „Карло“ автомат, рачно изработен во мали металски работилници на Западниот Брег, што често се користи во напади на израелски цивили.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека по нападот е во тек безбедносна проценка. Според локални медиуми, неговото сведочење во судскиот процес за корупција ќе биде одложено.
Иако никој досега не ја презеде одговорноста за нападот, палестинската екстремистичка група Хамас ја поздрави акцијата.
