Има пет нови случаи позитивни на корона вирусот, a за уште двајца тестирани во клиниката „Жан Митрев“ се чека потврда во лабораторијата на Инситутот за јавно здравје во текот на утрешниот ден, информира вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Со ова, вкупната бројка на заболени во моментов се искачи на 23 пациенти.

Неговиот колега, министерот за надворешни работи Никола Димитров, побара од македонските граѓани да бидат смирени. Апелира да не патуваат никаде бидејќи ситуацијата е крајно непредвидлива.

– Се работи за една 54 годишна скопјанка која дошла од Холандија и пред еден ден развила симптоми по што е тестирана на Клиниката за инфективни болести. Се контактира уште 31 лице кои биле со неа во авионот. Другите позитивни четворица пациенти се од Дебар, тие ќе продолжат да се лечат дома бидејќи имаат лесна клиничка слика. Двата последни пациенти се од болницата „Жан Митрев“. Имаме информација дека таму се јавиле две лица со симптоми на грип, земени им се материјали и таму се тестовите позитивни, но заради усогласување и унифицирање на методата на тестирање, овие лица ќе ги тестираме уште еднаш во нашата лабораторија – рече Филипче.

Тој информира дека на седницата на Влада што се одржа вечерва било одлучено да се затворат сите гранични премини во Македонија, освен за дипломатските претставници, лекарите и возачите на камиони. Товарните возила ќе влегуваат според посебни услови. Се затвора и аеродромот во Скопје.

– МВР е задолжено да постапува поинтензивно по решенијата за самоизолација и во однос на тоа да го информира главниот штаб во Владата – додаде Филипче.

Тој повтори дека кога станува збор за овој вирус, нема правила.

– Првата заболена пациентка која беше болна, тестот покажа дека е вирулентна и дека ја пренесува болеста. Но, луѓето кои патуваа со неа цели 20 часа, не заболеа. Во случајот со докторката, таа била во контакт повеќе од 14 дена со луѓе, а тие немаат симптоми. Ова е сега втората недела од луѓето на симпозиумот. Така што, многу е тешко да се одговори што може да се очекува, осебно зашто имаме многу различни сценарија – додаде министерот.

Информираше дека сите пациенти имаат непроменета здравствена состојба и дека мнозинството се со лесна слика. Повозрасните лица се во ризичната група, заради послаб капацитет на бели дробови, заради претходна болест и слично. Сите кои се во Дебар се со лесна клиничка слика затоа се лекуваат дома.

Неговиот колега, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека има македонски граѓани кои се заглавени на различни премини.

– Вчера имавме на хрватско-српската граница и на унгарско-српската граница наши сограѓани. Тоа беше група од околу 200 македонски граѓани, кои, по комуникацијата со Бугарија и Романија, најверојатно ќе дојдат на Деве Баир утрово. Ве молам, немојте да патувате. Македонските граѓани што утре ќе одат некаде, неизвесно е кога ќе може да се вратат. Ситуацијата е крајно непредвидлива. Државите затвараат граници, затвараат аеродроми, авиокомпаниите откажуваат летови. Апел до македонските државјани кои имаат регулиран престој, односно кои имаат дома и надвор од дома – во овој период да не се упатуваат кон татковината. Да ги следат упатствата на тамошните влади. Наш приоритет се оние кои не се во татковината и кои немаат друга дом и на кои им се откажани летовите или од други причини не можат да си дојдат. Имаме такви повици од Виена, од Загреб, има фамилии со деца кои со часови чекаат на меѓугранични простори. Ние правиме многу, но немаме контрола врз граници на трети држави – рече Димитров.

Тој повика на смиреност и храброст во овој период.

– Имаме најави дека и ЕУ ќе ги затвори своите граници во шенген зоната за сите несуштински патувања. Она што е исклучително важно, е државите да обезбедат непречен транспорт на стоки. Сите држави имаат витален интерес за непречен транспорт на стоки и затоа сакаме да усогласиме протоколи ова да си оди мазно. Вчера имаше 3.000 камиони на италијанско-словенечката граница, но тоа се реши. Оваа криза бара сиот капацитет на целата администрација да биде во функција на решавање на проблемите – додаде Димитров.