„Македонија треба час поскоро да направи влада без ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, а нив да ги испрати на вистинското место, по судовите и на буништето на историјата“, е ставот на лидерот на Нова социјалдемократска партија (НСДП), Тито Петковски.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да формира нова влада со старите партнери, тогаш политичката криза наместо да се надмине, таа, според Паетковски, драстично ќе се продлабочи.

– Само недоветни може да помислат дека тие што ја доведоа земјата во криза, можат и да ја избават од неа и да трасираат пат за долгорочен развој на македонската држава и општество. Не смее да се заборави дека пред очите на пошироката јавност беа обелоденити низа скандали на досегашната власт, поврзани со криминал и со корупција. И по сè, доколку тие останат на власт, за очекување е да се фокусираат на попречување на правдата и на избегнување на кривична одговорност, а не на реформи, економски развој и на демократизација на мекедонското општество – вели Петковски.

Тој додава дека сите овие години на владеење, ВМРО-ДПМНЕ функционирало како параполитичко братство, со институции во кои доминираат роднинските врски од типот „братучеди“, „сватови“, „синови“, „ќерки“, „баџанаци“…

– На Македонија во овој момент ѝ е неопходна сериозна општествена катарза и соочување со злосторствата направени во име на сопствениот народ, за никогаш повеќе да не се повторат. Заедничка цел на сите прогрсивни сили во државата е демаскирање и демонтажа на овој политички монструм, кој ја фрли земјата во најголемата криза од нејзиното постоење – заклучува Петковски.

Инаку, на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Никола Груевски, в недела му истекува рокот од 20 дена и треба да се изјасни дали може да формира влада.