Никола Груевски го надмина по богатство дури и Љубчо Георгиевски. Затоа, оваа Влада не поттикна реваншизам меѓу политичарите, а Георгиевски, пак, побара амнестија за сите  – кој крадел, крадел.

Ова денеска во Битола го изјави лидерот на НСДП, Тито Петковски, на трибината „Како да се дојде до падот на груевизмот“.

– Оназис рекол „Не прашувајте ме од каде ми е првиот милион“, но Љубчо Георгиевски треба да го запрашаме од каде му е нему првиот милион. Се декларира како просечен бизнисмен, тежи со милиони, а сите знаеме кој беше, но Груевски е побогат и од Љубчо. „Ало Миле овој плац“, „ало Миле оној плац на Водно“ – рече Петковски.

Според лидерот на НСДП, сега на Македонија ѝ е потребна комплетна промена на колективната свест за опасноста од груевизмот.

– Фундаментот на груевизмот се темели на трите „п“ – пари, пропаганда и пендрак. Тоа се милитаристички методи, затоа сум убеден дека битката со груевизмот ќе бара многу енергија и многу труд за промена на свеста – рече Петковски, додавајќи дека е оптимист дека за година и половина за Груевски ќе се зборува како за затвореник.