Петар Богојески нема да биде директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност

Информацијата ја соопшти самиот Богојески преку објава на социјалните мрежи, каде што сподели фотографија со премиерот Христијан Мицкоски

фотo: Фејсбук профил на Петар Богојески

Петар Богојески повеќе нема да биде директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Тој заминува од функцијата нешто повеќе од два и пол месеци откако беше назначен на оваа позиција. Информацијата ја соопшти самиот Богојески преку објава на социјалните мрежи, каде што сподели фотографија со премиерот Христијан Мицкоски и појасни дека станува збор за договор меѓу коалиционите партнери во Владата.

„Договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски Концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски Концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција“, напиша Богојески.

Именувањето на Богојески за директор на Националната агенција беше проследено со реакции во јавноста, особено поради неговите претходни ставови изразени преку социјалните мрежи.

По ова, Европската комисија рече дека ќе побара објаснување од министерката за образование Весна Јаневска за изборот на директорот на институцијата која раководи со програмите „Еразмус+“ и „Европски солидарен корпус“ во земјава.

Делегацијата на ЕУ во Скопје за скандалозниот избор на Богојески: ја имаме предвид загриженоста за неговиот избор