Во текот на изминатата недела пријавени се пет нови случаи на западнонилска треска, од кои три се регистрирани во Скопје и по еден во Велес и Тетово, стои во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Според извештајот, заклучно со 22 септември, во земјава се регистрирани вкупно 70 случаи на ова заболување, од кои 65 се водат како потврдени, а пет како веројатни. Најголемиот број, 63 случаи се од Скопје, три од Велес и по еден од Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово. Досега, регистрирани се девет смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна болест. Сите починати лица се од машки пол и сите, освен еден кој е од Куманово се од Скопје.
„Од регистрираните случаи, 52 или 74,3% се машки, а 18 или 25,7% се женски. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години, 57 или 81,4%, седум се лица на возраст од 50-59, две лица на возраст од 40-49 години, едно лице на возраст од 30-39, а три лица на возраст од 20-29 години. Просечната возраст изнесува 66,5 години“, велат од ИЈЗ. Од таму додаваат дека почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените 39 е регистриран во август, во септември се регистрирани 11 случаи, кај 17 случаи почетокот на симптомите е во јули, два во месец јуни, а кај еден случај во месец мај.
Сите заболени со невроинвазивна болест 68, биле хоспитализирани, од кои 66 во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и по еден во Аџибадем Систина и Клиника Жан Митрев. Испишани се 50 или 73,5%, а девет се се уште на лекување. Во август Центарот за јавно здравје пријави епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.