Пет лица имале труење со храна во гостилницата „ДМ“ во Скопје, соопшти Министерството за здравство откако денеска Центарот за јавно здравје го известило Државниот санитарен и здравствен инспекторат дека заразното заболување било пријавено од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска извршил вонреден инспекциски надзор во гостилницата „ДМ“, лоцирана на улица Орце Николов, заедно со екипа на ЦЈЗ Скопје и со претставници од Агенција за храна и ветеринарство при што гостилницата е времено затворена.
Од извршениот вонреден инспекцискиот надзор било констатирано дека во гостилницата „ДМ“ имало незадоволително одржувана општа хигиенска состојба по што била извршена превентивна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот исто така утврдил дека вработените лица во кујна користат заштитна опрема при работа, а сите присутни вработени лица носат работна облека.
При надзорот биле земени десет брисеви од работни површини за микробиолошко испитување, потоа брисеви од нос и грло од шест вработени лица како и пет мостри од храна.