Најмалку пет лица загинале во американско-израелските напади во југозападен Иран за време на операцијата за спасување на американски пилот, откако неговиот борбен авион F-15 беше соборен, изјавил локален гувернер за новинската агенција „Тасним“, која е поврзана со Исламската револуционерна гарда, пренесува Гардијан.

Гувернерот на планинската покраина Кохгилује и Бојер-Ахмад изјавил дека сите пет лица загинале по напад во областа позната како „Црна планина“ во Кохгилује.

Како што беше претходно објавено, двајцата членови на екипажот од соборениот борбен авион F-15 се спасени. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во спасувачката операција нема загинати или повредени Американци, иако официјално се објавени малку детали за мисијата.

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати телефонски разговарал со американскиот пратеник Стив Виткоф, како и со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арачи, но и со своите колеги од Турција и Пакистан.

Египетското министерство за надворешни работи соопшти дека Абделати претходниот ден разговарал за „идеи и предлози за постигнување неопходно смирување на ситуацијата“ и предупредил на „невидена експлозија“ на тензиите на Блискиот Исток, без да прецизира што точно значи тоа.

Египет, Турција и Пакистан се појавуваат како активни посредници во обидите да се намалат регионалните тензии, повторно да се отвори Ормускиот теснец и на крај да се стави крај на американско-израелската војна против Иран.

Во саботата, Трамп се закани дека „ќе се отвори пеколот“ врз Иран доколку во следните 48 часа не се „постигне договор или не го отвори Ормускиот теснец“.

Иран ја отфрлил можноста за привремено примирје и бара траен крај на војната со цврсти гаранции дека САД повторно нема да извршат напад, наведува порталот „Аксиос“.