Пет изведби на отворено од „Култура во време на корона“ денеска

Пет нови изведби од програмата „Култура во време на корона“ треба да се одржат денеска во организација на Град Скопје.

Во 14 часот ќе биде емитуван и запис за изложбата „Celebrate life во изолација – Изложба: Индог“.

Во 16 часот, во паркот во Чаир настап ќе има пеачката Канита Сума (Kanita Suma), додека во паркот зад Три Бисери во Аеродром ќе се одржат 3 настапи, и тоа: во 17 часот настап на групата „In the mood“, во 18 часот бендот „Бла Бла Бла“ (Blla Blla Blaa), а во 20 часот настап ќе има групата „Бени и Нон стоп“.

Нивните настапи ќе бидат стримувани на Фејсбук страницата и на Youtube каналот на Град Скопје

Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13 април објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.

Заинтересираните уметници може да се пријавуваат тука.

Со овој повик ќе се поддржат следните видови проекти:

– Маалски изведби во времетраење до 2 часа; техничката опрема ќе биде обезбедена од културните установи на Град Скопје; и

-Виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти, работилници за деца…, во времетраење до 2 часа.

Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.