Затворска казна од пет години му одреди судот на возачот кој на 7 јули ја прегази новинарката Сузана Тодоровска-Павловска, во непосредна близина на трговскиот центар „Зебра“, во населбата Капиштец, пренесуваат медиумите.
Според обвинението, осудениот Бојан Блажевски, го управувал возилото со кое удрил во Тодорвска-Павловска под дејство на алкохол и на наркотици. По несреќата, кај него во крвта беа констатирани 1,52 промили, а во урината 2,42 промили алкохол, како и присуство на канабис (марихуана).
Блажевски на претходното рочиште, во вторникот, ја призна вината и изрази каење за сообраќајката и за последиците од неа.
Според Кривичниот закон, за ова дело е предвидена затворска казна од најмалку четири години.