Лидерите на земјите-членки Г-20 на виртуелниот самит доцна во четвртокот усвоија документ за борба против пандемијата од корона вирусот. Во него се наведува дека Г-20 ќе вложат 5 билиони долари (5 илјади милијарди долари) во светската економија за надминување на финансиските последици од пандемијата на вирусот.

Во завршниот документ се наведува дека министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г-20 ќе направат акциски план во борбата против последиците од корона вирусот.

Земјите од групата ветија дека ќе преземат колективни мерки за поддршка на светската економија. Во завршната изјава усвоена после состанокот се наведува дека средства ќе се издвојат и за Светската здравствена организација.

„Исто така, се обврзуваме дека ќе направиме се што е во наша моќ и ќе ги искористиме сите достапни политички средства за да ги минимизираме економските и социјалните загуби поради пандемијата, со цел да се обнови глобалниот ераст, да се зачува стабилноста на пазарот и да зајакне способноста за обнова. Доброволно ќе издвоиме средства за Фонд за реагирање на СЗО, на Ковид-19, на Фонд за коалиција за подготвеност за епидемија, на организацијата „Гави“ и на Сојузот за вакцини. Ги повикуваме сите земји, меѓународни организации, приватниот сектор, добротворните организации и приватните лица да дадат придонес во овие напори“, се истакнува во документот.