fbpx

Пет албански и седум македонски државјани фатени во нелегален риболов на Охридско Езеро

-

Повеќе рибарски мрежи, во вкупна должина од околу 500 метри, близу 30 килограми разна риба и стотина примероци риболовен алат, прибор и друга опрема биле пронајдени и одземени од патролните екипи на полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, информира МВР.

Според Министерството, во неколку одделни акции, на околу еден километар од граничната линија во близина на Радожда, во македонските територијални води, во нелегален риболов биле затекнати вкупно петмина албански државјани, кои веднаш откако ја забележале полициската патрола, ги фрлиле мрежите и со чамецот се обиделе да побегат. Полицајците успеале да ги запрат, а во нивните чамци бил најден улов од риба пастрмка и белвица, метални канџи и друга рибарска опрема.

Од МВР информираат дека во незаконит риболов во водите на Охридско Езеро, затекнати биле и седуммина македонски државјани, од кои шестмина охриѓани и еден од Скопје.

„Двајца од нив со рибарска мрежа од околу 40 метри и со нерегистриран чамец ловеле на околу 500 метри од градското пристаниште“, велат од полицијата.

Исто така, на потегот помеѓу Пештани и Свети Наум, полициски службеници пронашле една висечка рибарска мрежа во должина од сто метри и поголемо количество охридска белвица, а во две одвоени патроли, скопјанец и охриѓанец биле затекнати во лов на крап со харпун.

„Во согласност со законот за внатрешна пловидба, а поради непочитување на забраната за движење на пловни објекти, против четири лица се поднесени прекршочни пријави, кои се проследени до Капетанија на пристаништа, како и четири кривични пријави за незаконит риболов“, информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека „од 1 јули, заради поголема безбедност во пловидбата и на капачите, заштита на животната средина, како и за намалување на рибокрадството, стапи на сила ограничувањето за пловидба на скутери и на чамци по водите на природните езера во Македонија. Забраната за движење на скутери е до 31 август, во периодот од 11 до 19 часот низ Охридското, Преспанското и низ Дојранското Езеро. Чамците не смеат да пловат по езерските води од 21 до 5 часот следниот ден“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...