Песната за климатска акција на „Дајте музика“ го освои 9. место на Детската евровизија

фото: Дајте музика/ Dajte Muzika, Фејсбук

Кристина, Анастасија, Миха и Филип од емисијата „Дајте музика“ вчера го освоија високото 9.место на Детската евровизија што се одржа во Париз.

Одличниот настап на македонските претставници, но и силната порака што ја испраќа песната „Green Forces“ која повикува на климатска акција од страна на најмладите, придонесе Македонија да освои 114 поени на детската верзија на Евросонг.

Инаку, автори на песната се Роберт Билбилов, којшто ја напиша музиката и Робин Зимбаков, кој го напиша текстот за „Green Forces“.

На деветнаесеттиот избор за најдобра песна на детскиот Евросонг учествуваа претставници на 19 земји, а Македонија годинава учествуваше откако минатата година направи пауза од учеството на Детската евровизија.