Примамени од понудата на една од членките на СТЕП – Спелеоклуб „Кораби“, решивме да го прифатиме понудениот предизвик, и од Тетово да отпатуваме за Гостивар, заедно со членовите на СТЕП од Тетово, Хајрулах, сопственик на хотел „Скардус“ и Садик, лидер на брендот „Пеактрип“, од здружението „Просивик“, не знаејќи што всушност нè чека. Сè што имавме слушнато беше мистична пештера, лиљаци, подземни води и адреналин.
Почетна точка на нашето патешествие беше ресторанот Релакс во Гостивар кој се наоѓа покрај реката Вардар, којашто изненадувачки, во ова време на летото, со неверојатна моќност на волумен и брзина на водата, како да ни даваше до знаење дека авантурата штотуку започна.
Се сретнавме со домаќините, Јетон и Аријанит, со нас беа и Фатиме и Хана, ентузијасти и љубители на природата, на кои истражувањето на пештерските материјали им е во тесна врска со нивната професија.
Патот од урбаниот живот до недопрената природа
Без да губиме време, го напуштаме Гостивар и влеговме на регионалниот пат кој води кон селата Србиново и Ѓоновица, пат богат со пејзажи со изразени бои на планинско зеленило. Ова придонесува патувањето да е интересно и имаш чувство дека е прекратко… По околу 25 минути патување по асфалтен пат и дел земјен, ни се појавува табела со информации за пештерата и едно одморалиште, што е добра варијанта за одмор по посетата на пештерата.
Домаќините направија сè за да ја направат турата што е можно полесна. Се облековме во специјалната облека и опрема, потребни за што е можно полесно истражување на пештерата.
Откако сите се подготвивме за следниот чекор, се упативме кон теренот со импровизирани природни скали, и за момент се појавува природната порта, која ги чека следните посетители, да ги воодушеви со тајните коишто се наоѓат внатре.
Почеток на авантурата
Се собравме пред природната порта и ги направивме последните подготовки пред да започнеме да истражуваме тоа што за нас е сè уште мистично, непознато, но во исто време толку блиско и привлечно, мислиш сме биле многу пати пред оваа порта на Сезам. Аријанит со посветеност ни ги кажува сите основни информации што треба да ги знаеме за патувањето внатре, како и практични упатства за движење во тесен простор.
Внатре, веднаш на влезот, нè чекаат два вида лилјаци, кои вознемирени од осветлувањето на електричните ламби, летаат на побезбедни места. Таму гледаме одделни простории, секоја со своја уникатна приказна, една по друга. Некој сфатил сериозно дека ова е пештерата на Али Баба и може да се забележат траги од лов на богатство. Како резултат на алчноста на човекот, направена е непоправлива штета на автентичноста на пештерата.
Влегувањето во главната патека е предизвик само по себе, една мала пукнатина, каде за момент мислев дека ќе останам заглавен во средина. Изненадувачки, поминав лесно, и им велам на групата од сега да не ги ограничуваат туристите, бидејќи чим поминав со оваа големина, сите ќе поминат. Температурата паѓа како што влегуваме подлабоко, свежина што преминува во студ. Поголемиот дел од патеката за прошетка е покриена со вода, што ни ги навлажнува стапалата, и нè прави да ја чувствуваме уште повеќе грубоста на природата, која има тенденција да се заштити себеси од надворешни елементи, што можат да доведат до нејзино уништување.
Не, тука нема вертикално одење, како во комерцијалните пештери, но честопати треба да одите целосно свиткани, да поминете од еден во друг сегмент, и за секој од нив, водичите имаат приказна, олеснувајќи го нашето патување .
Некаде при крај, дадена е инструкција да ги исклучиме светлосните батерии, а ние ќутиме речиси една минута! Апсолутна темнина, малку вознемирувачка, додека во исто време се слуша силно шушкање, како скоро во секој момент ќе пројде имагинарниот воз, кој штотуку влезе во тунелот.
Ги вклучуваме повторно светлата, и стигнуваме до крајот на патувањето, еден по еден, овековечувајќи ги незаборавните моменти со слики, и … за момент остануваме без зборови. Змејот на пештерата го испушта од уста пламенот, … не, не, туку ја испушта чистата подземна вода, што предизвикува зачудувачки водопад и непроценлива привлечност. Таму горе, сталактитите го формирале срцето на пештерата, и речиси го слушаме како чука секој момент. Ги правиме последните фотографии, се спуштаме со јаже и се водениме на секој дел од телото, како да сакаме да ја искористиме максимално оваа тура.
Продолжуваме со брзина да стигнеме до излезот од пештерата, бидејќи мисијата го постигна она што го замисли – попладне многу поразлично од вообичаеното!
Надвор речиси започна да се стемнува додека дува лесен летен ветер, кој ни се чини како тропска бура поради драстичната промена на температурата на растојание од само неколку десетици метри.
Ја менуваме влажната облека со резервната облека и продолжуваме со програмата.
Издавање на сертификат на отворено
Дали има подобро место за Клубот, отколку да се добие сертификатот на усогласеност од мрежата СТЕП во природа? „ЕУ со тебе“ – е мотото на Европската унија, за целата поддршка што ја нуди тука за нас, а тоа се забележува и на табелата пред која го споделивме сертификатот.
Продолжуваме со дружење и оброк, обезбеден од нашите домаќини, компензирајќи ги калориите што сме ги потрошиле внатре.
Продолжуваме по патот кон „цивилизацијата“ во мракот, коментирајќи ги ново создадените впечатоци и прашувајќи се зошто не сме дошле порано … „Убавица“, оваа величествена пештера, толку блиску а сепак далеку за оние кои не ја знаат.