Повеќе од 200 објекти, приватни куќи, државен имот, земјоделско земјиште и инфраструктура се оштетени во невремето што вчера го зафати Тетовско. Сите жители што претрпеле некаква штета ќе добијат помош од 30.000 денари, соопшти вицепремиерот Владимир Пешевски, по специјалната седница на Владата за катастрофалните последици од невремето во Тетово.

Првичните процени на координативното тело формирано од Владата, Општината и од повеќе надлежни институции, додаде тој, се дека е нанесена огромна штета која ќе биде надоместена со заедничка помош и со помош од Владата.

– Првично ќе се изврши пребројување на сите семејства кои се зафатени од невремето, кои веднаш ќе добијат еднократна парична помош во висина од 30.000 денари, а во текот на овој и на следните денови ќе се прави процена на штетата на секој објект и во зависност од тоа ќе бидат обештетени сите – рече Пешевски.

Формирано е посебно координативно тело, а има и тело за процена на штетите.

Државата ќе интервенира во санација на државното, како и на приватното земјиште, а специјална комисија во рок од еден-два дена ќе направи процена за понатамошни чекори.