И покрај препораките за ограничување на работата на отворено за време на топлотниот бран, голем број градежни работници, доставувачи, таксисти и лица од други професии денеска продолжија да ги извршуваат своите работни обврски, изложени на директно сонце и екстремно високи температури. Ваквата состојба отвора прашања за тоа колку работодавачите ги применуваат препораките и мерките за заштита на работниците во услови на топлотен бран.

Мета поразговара со Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП), кој апелира инспекторите да излезат од канцелариите на терен и да казнуваат ако не се почитуваат препораките за заштита.

„Поради најавените екстремно високи температури кои денеска се очекува да достигнат и до 40 степени целзиусови, апелираме до работодавачите итно да преземат мерки за заштита на здравјето и безбедноста на работниците. Да не се изложуваат работниците на работа на отворено (под директно зрачење на сонце) во периодот од 11 часот до 17 часот. Да се обезбедат течности и одговорните лица да обезбедат поголеми количини на вода. Треба да се изврши и проверка на техничко-технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и по можност климатизација). Согласно Акциониот план за превенирањето на последиците од топлотните бранови врз населението и мерките за безбедност и здравје при работа, укажуваме дека работодавачите од целата држава треба да ги почитуваат општите препораки за заштита на работниците од високите температури како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во период од 11-17 часот, консумирање повеќе течности и хигиенски начин на подготовка на храната. СГИП препорачува и бара да горенаведените препораки останат валидни додека траат високите температури или државните надлежните органи не донесат официјални упатства“, вели Пешевски.

Тој потсетува дека безбедноста и здравјето при работа за вработените во нашата држава е исклучително важно право и обврска која мора да се спроведува и почитува.

Викендов 10 луѓе колабирале поради топлото време 

Раководителката на службара за итна медицинска помош, д-р Анита Димоска, за Мета вели дека изминатиот викенд имало 10 колапси на јавни места.

„За среќа повеќето беа краткотрајни колапси и пациентите беа на лице место средувани. Се работеше за возрасни лица, а колапсите беа предизвикани поради високите температури. Овие лица не смеат да излегуваат на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Најчесто им се случува пад на крвниот притисок, пад на нивото на шеќер во крвта или немање добра рехидрација. Се случува голем број од повозрасното население, да зема терапија за висок притисок, па со потење и губење течности да падне притисокот дополнително. Затоа не е лошо пред секое излегување од дома да се направи еден минипреглед, да се измери притисок или шеќер ако пациентот е дијабетичар. Апел до сите кои кога ќе видат човек на улица препотен на кој не му е добро, губи свест слично, да го стават веднаш под сенка“, советува Димоска.

Неопходен е престој во простории со клима уред

Во услови на топло време, ако престојот на отворено е неопходен, се препорачува носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа со широк обод, како и правење почести паузи во сенка. Граѓаните се повикуваат да престојуваат во разладени и климатизирани простории, а домовите да ги одржуваат поладни со затворање на прозорците и ролетните преку ден и проветрување во вечерните часови.

„Институтот за јавно здравје препорачува и редовен внес на течности, пред сè вода и минерални безалкохолни пијалаци, без да се чека појавата на жед. Воедно, се советува избегнување алкохол, пијалаци со кофеин, многу ладни пијалаци, како и масна, висококалорична и храна богата со шеќери. Посебно внимание треба да посветат лицата со хронични заболувања, посебно оние со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни болести. За нив е важно редовно да ја земаат пропишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар. Ако се појават симптоми како зашеметеност, слабост, силна жед, главоболка или мускулни грчеви, потребно е лицето веднаш да се премести на поладно место, да се рехидрира и да се одмори. Ако симптомите не се повлечат или се влошат, неопходно е да се побара лекарска помош“, наведено е во препорраките од ИЈЗ.

Во случаи кога лице има висока телесна температура, топла и сува кожа, грчеви или е во бессознание, ИЈЗ апелира веднаш да се повика Итната медицинска помош на телефонските броеви 194 или 112. До пристигнувањето на медицинските екипи, лицето треба да се премести на ладно место, да се разлади со ладни облоги и вода, а доколку е без свест, да се постави во бочна положба.

Сончево и многу топло до 38 степени 

Според последната прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до утре времето ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност.

„Под влијание на циклонска активност од вторник од попладневните часови, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град. Ќе дува умерен повремено засилен ветер претежно од северен правец, кој од четврток ќе биде поизразен долж Повардарието и повремено наместа ќе надминува брзина од 50 километри на час“, наведено е во објавата на УХМР.