Пеш или на велосипед кога е чисто, во автобус кога е загадено се најдобрите опции за што помала изложеност на ПМ честички

Фото: Арбнора Мемети

Пешачење или возење велосипед е најдобрата опција за движење кога загадувањето на воздухот е мало, но и обратно, тоа се најризичните изложувања на ПМ честичките кога аерозагадувањето е во високи концентрации, покажува истражувањето експертски тим на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во соработка со Центарот за климатски промени, во кое се испитуваше персоналната изложеност на загадување на луѓето на емисиите од сообраќајните средства во Скопје во повеќе ситуации додека се движат низ градот.

Возењето со јавен превоз, пак, не е препорачана опција кога воздухот надвор е чист, бидејќи во тие услови во автобусите е позагадено. Сепак, овој избор е далеку поповолен доколку надвор има високи концентрации на ПМ. Патувањето со автомобил има речиси исто влијание врз изложеноста на ПМ честичките, без разлика дали воздухот надвор е загаден или не, но можно е, ако цел ден сме во автомобил, да сме во поголем ризик од изложеност на други полутанти како азотни оксиди, јаглерод моноксид и ултрафини честички со дијаметар помал од 0.1 микрометри.

проф. д-р Дејан Мираковски | Фото: лична архива

„Реалната слика, колку навистина лично секој човек е изложен на загадувањето на воздухот не е комплетна доколку располагаме со податоци само за концентрациите во амбиенталниот воздух, а не и за просториите во кои го поминуваме поголемиот дел од денот, како домот, канцелариите, училниците, автомобилот, јавниот превоз“…, вели проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитет „Гоце Делчев“ и раководител на одделот „Амбикон“, каде се вршеа истражувањата и анализите. Тој посочува дека мерењата за истражувањето беа направени лани, на крајот на септември, во услови на релативно ниско загадување на амбиентниот воздух во целата Скопска агломерација, како и во текот на средината на ноември, при продолжена епизода на високо амбиентално загадување, а мерени се концентрациите на четири фракции на суспендираните цврсти честички РМ 1, РМ 2.5, РМ 4 и РМ 10.

Со развојот на мерните техники и методи и недвосмислените сознанија за големата просторна и временска варијабилност на концентрациите на загадувачките материи во воздухот, посочува проф. Мираковски, современиот пристап на одредување на нивоата на изложеност се повеќе се поместува кон одредување на концентрациите на загадувачките материи, во зоната на дишење во сите микро-средини каде луѓето престојуваат во кои концентрациите на загадувачките материи можат драстично да се разликуваат од амбиентните концентрации на истите.

„Потребата за одредување на реалната или индивидуална изложеност на загадувачки материи во нашата непосредна средина е од големо значење. Иако се работи за релативно мала серија на мерења, која не ги покрива сите можни состојби, повеќе од очигледно е дека при ниско амбиентално загадување движењето пеш, резултира со најниска изложеност на сите фракции суспендирани цврсти честички, просечно околу 40 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Кај велосипедистите, изложеноста е нешто повисока, во просек, 54 µg/m3, што може да се објасни со поголемата близина до оската на движење на возилата, но движењето по алтернативни рути, оддалечени од главните сообраќајници, на пример на кеј, овозможува значително намалување на изложеноста од околу 25 отсто и изнесува просечно 41 µg/m3. Сосема спротивно, при епизоди на високо амбиентално загадување, движењето пеш или на велосипед, резултираат со убедливо највисока изложеност. Најлошо е да се пешачи, бидејќи изложеноста на ПМ 10 била дури 154 µg/m3 во просек, а при возење со велосипед од 106 µg/m3“, посочува Мираковски.

Кога е чисто времето, возењето со автобус резултира со највисока изложеност на суспендирани цврсти честички, во просек 79 µg/m3, иако и таа зависи од повеќе фактори, како на пример бројот на патници во возилото, ефикасноста на системите за климатизација и вентилација на возилата. Јавниот превоз во услови на загаден воздух е најдобрата опција, бидејќи, според бројките од истражувањето, резултира со 30 до 50 отсто помала изложеност во однос на пешаците и велосипедистите. На пример, патувањето со исправни автобуси и со помал број на патници, надвор од сообраќајните пикови, ги изложува патниците на концентрации од 30 до 42 µg/m3, што е рамките на дозволеното.

„Возењето со автомобили со затворени прозори и вклучен систем за кондиционирање на воздухот, резултираат со ниска изложеност на сите суспендирани цврсти честички од РМ 1 до РМ10, од 16 до 21 µg/m3, но доколку се вози со отворен прозор измерените вредности се значително повисоки и достигнуваат 104 µg/m3, што може да се објасни со ефикасноста на филтрите кои го пречистуваат воздухот кој влегува во возилото. Но, поради можната поголема изложеност на други загадувачки материи, како на пример азотните оксиди и јаглерод моноксидот и ултрафините честички, а кои не беа опфатени со оваа истражување, не би можеле да ги оцениме како најбезбеден начин на движење низ урбаните сообраќајници“, објаснува Мираковски.

Информациите од истражувањето, иако не се обемни, сепак, смета тој, ни даваат насоки како со мали промени во однесувањето, во начините на движење низ урбаните средини со користење на лични заштитни средства, маски и уреди за пречистување на воздухот во затворени простории да ја намалиме нашата изложеност на загадувачки материи, на кои сме заложници повеќе месеци во годината.