Страсните навивачи на грчкиот кошаркарски гигант Олимпијакос не ја заборавија љубовта и почитта кон македонската НБА-ѕвезда Перо Антиќ.
Антиќ, кој викендов се најде во Атина за да го проследи натпреварот меѓу вечните ривали Олимпијакос и Панатинаикос, беше френетично поздравен и испратен од навивачите кои верно го следеа две години додека играше за црвено-белите во Пиреа.
Во моментот кога заминуваше од салата на стадионот на Олимпијакос, навивачите громогласно и бурно го поздавија, извикувајќи го неговото име, покажувајќи на овој начин дека спорот за името и политичките проблеми немаат место на спортските терени.
Антиќ беше две години во тимот на Олимпијакос и со него во тимот црвено-белите двапати ја освоија европската шампионска титула.
Македонскиот кошаркар и неговото семејство од првиот момент беа одлично прифатени и од соиграчите, но и од страсните навивачи на грчката кошаркарска сензација, без да има какви било проблеми поради политичкиот спор.
Навивачите на црвено-белите редовно го дочекуваат позитивно и со голема љубов при секоја негова посета на Атина и на натпреварите на Олимпијакос.
М.П.