Перформансот „СРАМ“ на Ангела Стојановска ќе се одржи утре во Јавна соба

Извор: Тиииит! Инк

Перформансот „СРАМ“ на независната уметница Ангела Стојановска ќе се одржи утре (11.05.2022) во Јавна соба со почеток од 20 часот. Темата на перформансот симултано обработува неколку аспекти на односот на општеството кон женското тело, храната и сликата за самите себеси која ваквиот општествен амбиент ни ја наметнува.

„Ова е моето простување со срамот од моето тело, од храната, од живеењето во оваа земја. Од срамот кој сум го негувала долго време, кој понекогаш не е лично мој и доаѓа од постапките на другите. Ова е моето прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Време е срамот да оди кај некои други луѓе“, вели уметницата Ангела Стојановска.

Покрај Ангела Стојановска како авторка и изведувачка, креативни соработници на перформансот се режисерот Милош Б. Андоновски и драматургот Ева Камчевска. Како поддршка низ креативниот процес се вклучени изведувачката и кореографка Викторија Илиоска и режисерката Билјана Радиноска. Извршна продуцентка е Емилија Чочкова, костимот е дело на Раде Василев, сценографијата е на Мартин Манев, додека техничка поддршка е Филип Христовски.

Перформансот СРАМ е развиван како авторски проект на Ангела Стојановска во рамки на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО – ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ. Платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ е финансиски поддржана од The Kvinna till Kvinna Foundation и FRIDA | The Young Feminist Fund и се реализира во соработка со Фестивалот MOT.

Билетите за перформанот може да се набават на касата во Јавна соба и во продажната мрежа на МК Тикетс по цена од 300 денари.