Перформансот „Сексуално образование II: Борба“, копродукција на еден од најрелевантните европски театри „Словенско младинско гледалишче“, заедно со „Маска“ и „Meсто женск“ од Љубљана, на 17 јуни во 19:30 часот во киното на Железничката зграда ќе биде претставен пред скопската публика.
Ова ќе се случи за прв пат, како дел од изведувачката програма на 13 издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско“. Делото, кое ја доби наградата од публиката и специјалната награда „Јован Ќирилов“ на престижниот БИТЕФ фестивал во Белград, го реконструира долгогодишниот процес на борба за репродуктивни права во Југославија, отворајќи го прашањето за сексуалното образование и правото на телесна автономија во историски и современ контекст.
Во фокусот на перформансот се животните приказни на Вида Томшич, партизанка и истакната југословенска политичарка и д-р Франц Новак, гинеколог и нејзин сопруг, низ кои се прикажува еволуцијата на југословенската политика за планирање на семејството, абортусот и сексуалното образование.
„Значајно е актуелизирањето на овие теми денес, кога во многу општества повторно се преиспитуваат правата на жените врз сопствените тела. Режијата е на Тјаша Чрнигој, а на сцената ќе настапат Лина Акиф и Сузана Крех. Во продукцијата се вклучени бројни авторки и автори од областа на сценографијата, костимографијата, истражувањето и аудиовизуелната поддршка, додека за музичката селекција се погрижија самите членови на креативниот тим“, информираат од организацијата „Тииит! Инк.“.