Фото: CDC на Unsplash

Сојузот на здруженија на пензионери упатуваат апел, приоритет при вакцинирањето против ковид-19 да имаат пензионерите, како најранлива категорија лица со хронични болести и намален имунитет.

„Во име на над 300.000 возрасни луѓе во нашата земја алелираме пензионерите да имаат приоритет за вакцина против ковид-19, како што е во сите земји во опкружувањето и пошироко во целиот свет,“ се вели во денешното соопштение од Сојузот.

Од таму додаваат дека пензионерите се најранлива категорија, бидејќи голем број од нив се со хронични болести и намален имунитет.

Денеска министерот за здравство Венко Филипче ќе има работен состанок со Координативното тело за вакцини за ковид-19 преку КОВАКС механизмот кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.

„На состанокот ќе се разгледува стратегијата за имунизација со вакцина за Ковид 19 како и за приемот и дистрибуцијата на вакцините, категориите на граѓани кои ќе бидат први вакцинирани, како и текот на постапката на вакцинација. На состанокот ќе се разгледаат и искуствата на европските земји во делот на подготовките за вакцинација, по што јавноста ќе биде информирана за оперативниот план за вакцинација за ковид-19,“ информираа од Министерство за здравство.