Пентагон развива соларен панел во вселената кој еден ден ќе може да испраќа електрична енергија било каде на Земјата

Соларен панел во вселената
Концепт на соларен панел лансиран во вселената кој зрачи енергија до Земјата/ фото: Лабораторија за истражување на морнарицата на САД

Научници кои работат за Пентагон успешно тестирале соларен панел во вселената, кој е дизајниран како прототип на некој иден систем што ќе испраќа електрична енергија од вселената назад до било која точка на планетата Земја, пишува „Си-ен-ен“.

Панелот познат како „Модел на антена за фотоволтаична радиофреквенција“ (PRAM)  и кој е со големина на кутија за пица првично бил лансиран во мај минатата година за искористување и претворање на светлината од сонцето во електрична енергија.

Панелот е дизајниран за максимлно искористување на светлината во вселената која не поминува низ атмосферата и е помоќна од онаа што стигнува до Земјата поради тоа што ја задржува енергијата на сините бранови. Сината светлина од овие бранови дифузира при влегувањето во атмосферата, па затоа небото од долу изгледа сино.

Панелите точно би знаеле каде на Земјата да ги испратат микробрановите зраци и во никој случај не би можеле да ја промашат целта, со помош на техниката наречена „ретро-директивна контрола на зракот“. На овој начин, од целната антена од Земјата, каде би била дистрибуирана енеријата, прво би се испратил пилот сигнал до панелите во вселената. Микробрановите зраци ќе бидат пренесени само откако соларниот панел ќе го прими сигналот од локацијата од Земјата.

Последните истражувања покажале дека сончевиот панел може да произведе околу 10 вати енергија која може да се пренесува, а тоа е доволно за да се наполни еден таблет компјутер.

Проектот предвидува лансирање на уште десетици панели, па доколку се прошири, неговиот успех може да направи револуција во начинот на генерирање и диструбуција на електричната енергија до најоддалечените делови на светот. Доколку технологијата стане достапна, се очекува да има непосредна примена во случаи на природни катастрофи, кога нормалната инфраструктура нема да функционира.

Единицата која работи на проектот допрва треба да ја испраќа енергијата директно до Земјата, но луѓето вклучени во развојот на PRAM велат дека ваквата технологија е веќе докажана.

„Уникатната предност што ја имаат сателитите на сончева енергија во однос на било кој друг извор на енергија е глобалната преносливост. Можете да испратите електрична енергија во Чикаго и за дел од секундата подоцна, доколку е потребно, можете да ја испратите до Лондон или Бразилија“, рекол Пол Џеф, еден од ко-девелоперите на проектот.

Сепак, клучниот фактор кој треба да се докаже е економската одржливост.

Дронот Х-37B, на кој е прикачен панелот, ја обиколува земјата на секои 90 минути. „Си-ен-ен“ додава дека мисијата на вселенскиот дрон се држи во тајност, а овој експеримент е еден од ретките детали кои се откриени за неговите цели и намери.

Проектот е финансиран и равиван од Пентагон, Фондот за подобрување на оперативните енергетски способности и Лабораторијата за истражување на морнарицата на САД.