Стево пендаровски фото: кабинет на претседател
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски | Фото: кабинет на претседателот

На одбележувањето на 78 годишнината од холокаустот на македонските Евреи, кои на 11 март 1943 година беа депортирани во логорот на смртта Треблинка, претседателот Стево Пендаровски денеска во дворот на Кабинетот засади дрво, македонски даб. Тој во својата порака рече дека со векови еврејската заедница била плодно стебло на македонската почва.

„Во духот на соживотот, Евреите живееле со нас, како едни од нас. Биле прифатени и почитувани како добри домаќини, верни соседи и вредни еснафи. Наша желба како држава и како луѓе, е еврејската заедница одново да израсне во плодно стебло. Нивните корења нека се напојуваат од сеќавањата, а гранките нека носат надеж за иднината“, рече Пендаровски.

Во текот на Втората светска војна биле убиени над шест милиони Евреи. Само во логорот Треблинка за околу една година биле убиени околу 900.000 жени, мажи и деца, а меѓу нив биле и 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип кои претставувале дури 98 отсто од македонската еврејска заедница.

„Ова апсолутно зло мора да биде осудено. Не смееме да дозволиме вистината за холокаустот да се релативизира и заборава. Наша должност е да се сеќаваме за никогаш да не се повтори“, порача Пендаровски.

На 78 годишнината од холокаустот на македонските Евреи, присуствуваше и почесниот конзул на Државата Израел во РСМ, Градимир Шумковски. Од Ерусалим, пак, онлајн се обратија претставници на Еврејскиот национален фонд, Jewish Impact, како и претставник на министерството за надворешни работи на Израел.

Во сеќавање на холокаустот на 7.144 македонски Евреи, претставник на Кабинетот на претседателот положи цвеќе пред Споменикот на депортираните македонски Евреи во Скопје.