Пендаровски: Вонредната состојба нема да го реши проблемот, потребно е строго почитување на мерките

-

По завршување на седницата на Советот на безбедност, претседателот Стево Пендаровски изјави дека се информирал за состојбата со ковид-19, која и била единствената точка на расправа на седницата на денешниот Совет. Претседателот оцени дека ситуацијата е исклучително сериозна, а нема да биде полесно ниту следните недели.

Оттука тој апелираше граѓаните максимално да бидат претпазливи, одговорни заради себе и најблиските, бидејќи ситуацијата во следните недели ќе биде уште повеќе сериозна.

„Во однос на сетот на мерки за заштита, не постојат мерки кои се препорачани од Светската здравствена организација кои ги применуваат другите држави, а да не се применуваат и кај нас. Главно, мерките се исти, разликите се во нивото на почитување и нивото на имплементација на законите од страна на институциите,“ изјави Пендаровски.

Тој порача оваа ковид-криза да не се користи за политички поени, бидејќи со губење на човечки животи сите сме губитници.

„Во отсуство на вакцината или лек нема алтернатива освен почитување на протоколите, носење маски, физичка дистанца, драстично намалено дружење,“ апелираше Пендаровски.

На новинарско прашање во врска со вонредната состојба, претседателот одговори дека не било отворено тоа прашање.

„Уште во април кога прогласив вонредна состојба, апелирав Собранието да се состане. И понатаму мислам дека вистинско место за дискусија за таа тема треба да биде парламентот,“ додаде Пендаровски.

Тој потенцираше дека денеска да се прогласи вонредна состојба, нема да го реши проблемот. Исто така укажа дека полицискиот час не е поврзан со вонредната состојба, туку можна е измена на закон за кој има функционално Собрание. Но доколку има потреба, Пендаровски рече дека ќе одобри армијата да даде логистичка поддршка на онаа страна на системот каде што има потреба.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешниот состанок на Советот за безбедност | Фото: Кабинет на Претседателот на Р.С. Македонија

Во однос на вонредната состојба, министерот за здравство Венко Филипче информираше дека на почетокот на кризата со корона вирусот кога сите држави воведоа рестрикции во движењето, се мислеше дека на тој начин овој вирус ќе се сузбие. Но се покажало дека со корона вирусот не е така и од тука, рестрикциите нема да помогнат. Затоа, рече Филипче, треба да се научиме да живееме со вирусот, но со почитување на мерките.

Филипче информираше дека има доволно болнички легла и подготвен кадар кој е спремен да се бори за пациентите болни од ковид-19 и упати апел до граѓаните да бидат сигурни дека секој на кој му треба, ќе добие соодветна грижа.

Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Студентите од техничкиот кампус при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, денеска на Машинскиот факултет го посетија саемот за пракса и вработување, кој ќе трае и утре. Целта е студентите...