Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

По повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, претседателот Стево Пендаровски им упати честитка на припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија. Во неа тој им посака добро здравје, среќа и елан за заедничко подобрување на состојбата на ромската заедница во земјава.

„Ви ја честитам 50 годишнината од Првиот ромски конгрес во 1971 година во Лондон, кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет, на повеќе од 12 милиони Роми во Европа. Педесет години по Првиот ромски конгрес имаме генерациска должност да изградиме општество каде што ќе ги вреднуваме разликите, ќе го почитуваме достоинството и ќе обезбедиме рамноправно учество на сите граѓани подеднакво, во донесувањето на одлуки за важни суштински прашања за нашата држава“, стои во честитката на Пендаровски.

Претседателот потсети дека, годинава, Меѓународниот ден на Ромите се одбележува во услови на глобална пандемија со ковид-19, која со најголема жестина ги загрозува животите на сите македонски граѓани.

„Пандемијата нè потсети дека сите сме ранливи, а најмногу страдаат оние што се на маргините од општеството. Сите заедно, во нашите секојдневни улоги на политичари, членови на институции и невладини организации, активисти, медиумски работници, граѓани, сме одговорни да бидеме проактивни за да ја победиме пандемијата и да ги решиме наталожените проблеми со кои секојдневно се соочуваме, за да изградиме просперитетна и сигурна иднина за секого“, се вели во честитката.