fbpx

Пендаровски: Сите што се кријат зад удобноста на тастатурата да бидат свесни дека се одговорни за напишаното

-

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на јавната дебата на тема „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици”, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), а под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.

Тој, во своето обраќање рече дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет-просторот, но и воопшто во јавниот говор.

„Спречувањето на оваа појава која сериозно ги разнишува основните темели на секое општество кое цели кон инклузивност, мора да стане национален приоритет. Комуникацијата не смее да биде сведена, како сега, во голем дел, на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза“, рече претседателот и додаде дека за таа цел, превенцијата е клучна.

Пендаровски истакна дека не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и со тоа да ги поткопа темелите на едно општество кое треба да почива на коректна комуникација и аргументирана дебата.

„Во нашите домови, на работното место, во јавноста и на социјалните медиуми мораме да ја вратиме пристојноста во комуницирањето и да ја мериме тежината на нашите зборови. Или, како што вели народната мудрост, зборот коски нема, ама коски крши. За жал, токму во интернет просторот каде што не постојат физички бариери сè помасовни се примерите на омаловажување, напади без основ, клевети каде што, наместо за комуникација меѓу нас, зборовите служат како инструмент за напади и дисквалификација“, посочи Пендаровски.

Според него, клучно е сите оние кои се кријат зад удобноста на тастатурата да бидат свесни дека се одговорни за напишаното или кажаното затоа што дискриминацијата не препознава етничка или религиска припадност, пол, род или сексуална ориентација.

Напротив, како што кажа претседателот, дискриминацијата еднакво боли и ја повредува секоја личност, го подрива нејзиниот интегритет и самодоверба и остава трајни последици врз човекот, неговите најблиски, но и врз општеството во целина.

„Како јавна личност, како политичар, понекогаш сум изложен на несоодветно изречени зборови и обиди за лична дискредитација, така што можам и лично да посведочам за ова што предмалку го реков“, рече Пендаровски.

Тој подвлече дека е неопходно инволвирањето на граѓанскиот сектор како репрезент на пошироката јавност и дека системот на санкции, закони и казни не е доволен ако не работиме на креирање на позитивна атмосфера, со цел, превенирање на негативните појави.

„Сакам да верувам дека сеуште сме во фаза кога наместо да се лечи, може и да се спречи и затоа апелирам длабински да се соочиме со оваа комплексна проблематика. Да не одложуваме, да не прикриваме или да креваме раменици. Работата е до таму отидена што мораме да се соочиме со реалноста и да понудиме адекватни решенија и идеи“, рече Пендаровски.

Во своето обраќање претседателот се осврна и на пристапот до интернет кој е без сомнение една од најголемите придобивки во историјата на човештвото и овозможува  непречена комуникација и извор на информации за милијарди луѓе низ светот.

„Затоа, не смееме да дозволиме поединци или групи, со користењето на дискриминацискиот говор и говорот на омраза, да ги редуцираат или поништат овие придобивки преку злоупотреба на слободата на говорот“, заклучи претседателот, додавајќи дека деконтамининацијата на дигиталниот простор, но и воопшто јавниот простор и нашето секојдневие од дискриминирачката реторика треба да биде заедничка цел на сите релевантни чинители.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...