fbpx

Пендаровски: Сите државни институции се должни да овозможат непречен пристап до сите информации

-

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) денеска, на 3 Мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите организираа настан под мотото „Безбедни новинари и медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“.

Целта на настанот е да се испрати порака и да се подигне свеста за неопходноста од подобрување на безбедноста и социо-економското опкружување за новинарите и медиумските работници, како начин да се унапреди слободата на изразување како основно човеково право и зајакнување на улогата на медиумските организации во процесот на креирање политики.

Претседателот на Р. С. Македонија, Стево Пендаровски, кој воедно беше и домаќин на настанот, при воведното обраќање рече дека безбедноста на новинарите е заедничка обврска на сите нас, но, пред сè, на државните институции и политичките фактори, и тоа не треба да биде само политичка флоскула.

„Сите државни институции се должни да овозможат непречен пристап до сите информации за нивната работа, за да можат новинарите квалитетно да ги информираат граѓаните. Безбедносните и правосудните органи треба навремено и неселективно да постапуваат во случаите кога се загрозува безбедноста на новинарите“, рече претседателот Пендаровски.

Новиот извештај на Репортери без граници во кој се забележува скок во однос на слободата на медиумите во земјата не треба да значи дека битката за квалитетно новинарство и слобода е завршена.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски истакна дека кога станува збор за безбедноста на новинарите и слободата на говорот во нашата земја релативната слобода во која сега живееме не смее да нè залажува.

„Без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг. Време е за суштински промени кои ќе гарантираат слобода на работењето, затоа што слободата на говорот, на мислата, тешко се стекнува, мачно се заработува, но искуството ни вели дека многу лесно може да се изгуби. Да не го дозволиме тоа“, истакна Чадиковски.

Претседателот на ССНМ Павле Беловски истакна дека социо-економската состојба на новинарите, покрај безбедноста, е најважниот услов за развивање на слободното новинарство.

„Новинарство без можност за влијание врз уредувачката политика, и услов без кој новинарите и медиумските работници не можат да се ослободат од притисоците од различните групи од интерес, и услов за намалување на само-цензурата, која и според нашите анализи и според извештаите на меѓународните организации е широко распространета во Македонија“, рече Беловски на панел дискусијата на тема „Подобрување на безбедноста и социо-економското опкружување за новинарите и медиумските работници: Каде сме и како да одиме напред?“.

На работниот дел се обратија и Катарина Синадиновска, претседателка на СЕММ, Билјана Петковска, извршна директорка на МИМ и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМа заклучокот беше дека постои потреба од системски решенија кои ќе гарантираат долгорочна заштита на правата и интегритетот на сите медиумски работници.

Новинарските здруженија посочуваат дека зголемувањето на економските стандарди на новинарите е важно бидејќи на тој начин тие ќе бидат поотпорни на притисок и ќе бидат помотивирани да продуцираат квалитетна содржина што му служи на јавниот интерес.

Според нив, потребно е да се поддржи дебатата за креирање на национален независен фонд, но не за поддршка на медиумите, туку за поддршка на професионалното новинарство и за квалитетната медиумска содржина која ќе го промовира јавниот интерес.

„Владините кампањи пак платени со пари од граѓаните претставуваат ризик дополнително да го нарушат кревкиот медиумски пазар а тоа да се одрази негативно на слободата на медиумите и да се занемари јавниот интерес во медиумските известувања, беше истакнато на панелот“, порачаа претставниците на новинарските здруженија.

Во рамки на настанот се организираше и изложба со фотографии и видео производи за присутните. Оваа изложба е резултат на пријавените дела на учесниците на повикот за изработка на фото стории насловен како „Сликни го твојот глас!“ чија цел е преку слика и порака да се прикаже како е да се биде жена и новинарка / медиумски работник во Македонија и проблемите поврзани со безбедноста и работничките права со кои се соочиле или сè уште се соочуваат новинарките, уредничките, жените главни уредници и жените сопственици на медиуми. Меѓу избраните дела, на изложбата е прикажано и видеото на новинарката на Мета.мк, Ангела Бошкоска насловено „Пренос”.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...