Пендаровски се сретна со студентите од ФИНКИ што ја креираа алатката „Ховитцер“ на „Редит“

Извор на фотографија: Претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска во рамки на проектот „Лице в Лице“ оствари средба со студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, кои ја создадоа маркетинг-алатката за рекламирање „Ховитцер“ (Howitzer) на американската социјална мрежа „Редит“ (Reddit), информираат од Кабинетот на Претседателот на РСМ.

Младите таленти-информатичари го запознаа претседателот Пендаровски со нивната иновација, начинот на кој дошле до продуктот и со постигнатите резултати, потенцирајќи дека таргет им е глобалниот пазар.

Претседателот Пендаровски им честиташе за иновацијата, посочувајќи дека оваа алатка не претставува само нивни личен успех, туку истовремено придонесува за афирмација на нашата држава.

На средбата претседателот истакна дека со нивното знаење, ентузијазам, тимска работа и упорност, ја реализирале нивната идеја, создавајќи успешен продукт препознаен на глобалниот пазар. Според претседателот Пендаровски ваквите успеси се најголема мотивација за младите да ги развиваат своите ИТ вештини и да се посветат на науката и иновациите.

Инаку, главни корисници на маркетинг-алатката за рекламирање „Ховитцер“ се претприемачите и компаниите во рана фаза, растечките маркетари и креаторите на крипто проекти. Продуктот на студентите на ФИНКИ успеал да стигне до 2.000 долари месечен прилив по еден месец од лансирањето, а по само пет месеци ја добиле најголемата странска иницијална инвестиција за софтверска компанија во Северна Македонија досега – 500.000 долари.