fbpx

Пендаровски: Ромскиот народ е нераскинлив дел од македонскиот општествен мозаик

-

Претседателот Стево Пендаровски по повод 2. август, Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите, упати порака во која вели дека не смее да се заборави на над 4.300 деца, жени и мажи Роми, погубени во нацистичкиот логор во Аушвиц-Биркенау.

„Во тој ужасен период од историјата на сила беа закони кои го обезвреднуваа човековиот живот и вроденото достоинство на различни групи, меѓу кои и на Ромите. Тогашната идеологија овозможуваше експлоатирање на нивниот труд, нечовечки медицински експерименти, присилни стерилизации и на крајот, масовни убиства во логорите на смртта. Во текот на Втората светска војна убиени се над 500.000 Роми низ Европа и Балканот“, пишува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Загрижувачки е што денес се сè уште живи историските неправди кон Ромите – негирањето на геноцидот врз нив, расизмот, антициганизмот, говорот на омраза и дискриминацијата чиј интензитет се зголемува, дури и во современите демократски општества, се наведува во соопштението.

„Сето тоа ги турка Ромите на маргините и ја уназадува борбата за нивните човекови права и слободи. Ромскиот народ е нераскинлив дел од македонскиот општествен мозаик кој ги споделува стремежите и жртвите во борбата за слободно општество. Таа коегзистенција треба да продолжи во духот на солидарноста, хуманоста и меѓусебната почит“, се додава во пораката од претседателот.

Во неа е наведено: „Hаша должност и наша заедничка историска и цивилизациска одговорност е јавно да се спротивставиме на ваквите појави, за трагедиите од Втората светска војна никогаш да не се повторат“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...