Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска прогласи вонредна состојба откако од Собранието го доби предлогот на Владата за прогласување вонредна состојба. Таа ќе трае 30 дена, период во кој Владата до претседателот ќе треба да поднесе извештај од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да информираат за активностите и плановите за постапување.

– Ја потпишав одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава. Фактот што првпат од нашата независност поднесуваме вонредна состојба укажува колку е сложена состојбата во земјата и колку е голем ризикот. Од денес извршната власт ќе има зголемени надлежности. Економијата влегува во исклучително кризен период. Штетите за фирмите кои не работат се огромни. Тука Владата мора да понуди помош. Нѐ чекаат тешки денови, но немам дилеми во исправноста на одлуките кои ги носам – рече претседателот.

Тој додаде дека изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика.

– Одлуката ја донесов заради заштита и справување од последиците од вирусот. Тогаш кога Собранието ќе биде во можност да се состане, ќе му биде поднесена на потврдување – рече Пендаровски.

Владата ќе продолжи да функционира како техничка, што значи дека и опозицијата ќе биде вклучена во активностите.

– Ова е можност, на дело да покажеме дека кога станува збор за ваква опасност, сите заеднички ќе работат за здравјето на луѓето и нема да се грижат за својот политички рејтинг. Бидете одговорни пред себе си и своите најблиски, помагајте им на повозрасните лица. Следете ги информациите од надлежните органи и почитувајте ги препораките – рече Пендаровски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска соопшти дека на последната владина седница било одлучено да се предложи прогласување вонредна состојба во државата, за справување со корона вирусот. Тој неколку пати во своето обраќање кон граѓаните повтори дека секој мора многу одговорно да се однесува.

– Ова што ни се случува е вонредна ситуација која бара вонредна состојба. Немаме повеќе ни најмала дилема во однос на ова прашање. Затоа, денеска одлучивме да предложиме воведување вонредна состојба на територијата на целата држава. Мерките кои досега се носеа ги дадоа очекуваните резултати, но потребно е да се радикализираат за да спречиме колку е можно уште поголем пик на болеста во кратко време. Таквата ескалација може да ја спречиме само со воведување вонредна состојба на целата територија на државата – рече Спасовски.

За прв пат во историјата на нашата држава се случува да биде воведена ваква мерка. Спасовски рече дека ова е една од најтешките одлуки кои ги донела било која влада од постоењето до денес.

– Ништо повеќе не е исто. Животот радикално се промени како кај нас и во светот. Затоа, потребно е секој од нас да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата, сите да се однесуваме одговорно. Политиканството да го оставиме за некои други времиња. Сега е време да се справуваме со вирусот и ништо друго. Сите да се кренеме на висината на задачата и ќе ја совладаме оваа ситуација. Ова не значи дека по автоматизам ќе има рестикции на слободите и движењата на граѓаните. Ако има нови рестрикции и мерки, тие ќе се носат на дневно ниво, за што ќе информираме редовно. Владата ќе може да делува непречено со вирусот. Само со вонредна состојба, ќе можеме да помагаме на погодените граѓани и на комапниите. Здравствените работници, полицијата, армијата, институциите, Владата, работниците успешно да ги остваруваат нивните задачи во справување со оваа хуманитарна криза. Апелирам сите сериозно, најсериозно да ја сфатат состојбата и доследно да ги почитуваат сите мерки на Владата – рече Спасовски.