fbpx

Пендаровски: Посетата на митрополитот од РПЦ е во рамки на таканаречената црковна дипломатија

-

Претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање во врска со посетата на рускиот митрополит Антониј на земјава и неговата средба со поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, рече дека сè што се случува меѓу Руската православна црква и Македонската православна црква е в ред и тој нема проблем со тоа.

„Посетата до овој момент, колку што можам да видам, помина исклучиво во таа таканаречена црковна дипломатија. Бидејќи знаете дека Руската православна црква ја призна Македонската православна црква и во тој контекст сè што се движи во таа рамка, јас немам проблем. Не мислам дека ја руши државата“, рече Пендаровски по отворањето на Амбасадорска тркалезна маса „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија членка на ЕУ до 2030 година?“.

Сепак, Пендаровски потсети дека рускиот претседател Владимир Путин ја користи Руската православна црква и црковната дипломатија на Русија како една од своите алатки за да ја оправда војната во Украина а тоа, како што рече, тој не би го поддржал.

„Ако црковната дипломатија за која неспорно знаеме дека Путин ја користи како една од своите алатки во светот за да ја оправда војната во Украина и да ги оправда оние ѕверства што ги прави таму, тогаш јас тоа не би го поддржал. Но, до овој момент мислам дека средбите беа само во рамки на црквата и се разговараше само за црковни прашања“, заклучи Пендаровски.

Рускиот митрополит Антониј, кој е задолжен за дипломатските односи на Руската православна црква (РПЦ), вчера допатува во тридневна посета на земјава. Тој оствари средба со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во седиштето на архиепископијата во Скопје. Денес во Лесновскиот манастир се чествува Свети Гаврил Светогорец Епископ Велички, а архиерејската литургија ја сослужуваа поглаварот на МПЦ – ОА, господин господин Стефан и рускиот митрополит Антони, директор на Одделот за меѓународни односи на Руската православна црква и викар на патријархот Кирил.

Митрополитот Антониј, вчера во куса изјава за медиумите, рече дека дошол во Скопје со братски пораки и поздрави од рускиот патријарх за лично да му го честита именденот на г.г. Стефан кој беше на 9 јануари.

Портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, кажа дека средбата меѓу рускиот митрополит и поглаварот на МПЦ била пријателска, но не откри за што точно станало збор на неа. Тој негираше дека средбата била тајна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...